Скопјани од денеска ќе можат бесплатно да го одлагаат кабастиот отпад (застарен мебел, електронски и електричен отпад) со сопствен превоз во Центрите за селекција на отпад во Карпош и во Вардариште или во Претоварната станица која се наоѓа во Шуто Оризари.

Ова денеска го соопшти директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани. Потсети дека согласно Законот за јавна чистота е забрането одлагање кабаст отпад и градежен шут во садовите за отпад што се наменети за комунален отпад и фрлање на јавните површини. За секое прекршување на овој Закон се предвидени санкции што ги спроведуваат инспекциските служби при Град Скопје и општините.

Центрите за селекција и претоварната станица ќе работат во текот на целиот ден, од седум до 19 часот. Доколку има потреба да се изврши со специјалните возила на претпријатието, граѓаните услугата можат да ја побараат на бесплатната телефонска линија на „Комунална хигиена“ 0800 22233.

Шабани истакна дека согласно капацитетите и ресурсите со кои располагаат, според нивната програма за работа, предвидено е да се чисти шест пати во неделата, но тие сепак седум дена во неделата вршат чистење и празнење на садовите за отпад.

Раководителот на Инспекторат на Град Скопје Мирослав Богдановски информира дека се во координација со општинските инспекторати и оти ќе ги зголемат контролите во однос на отпадот што се создава во градот.

– Во координација сме со еко-патролата на „Комунална хигиена“ каде ни се предочени сите „црни точки“. Во наредниот период инспекторите ќе имаат на располагање и два дрона и секојдневно ќе се снима состојбата на терен. Обезбедуваме простор за граѓаните каде може да го одложат отпадот и апелираме секои воочени нерегуларности да бидат пријавени во Градскиот инспекторат – рече Богдановски. Додаде дека има 60-тина инспектори по разни инспекторати, а десет комунални инспектори.

На новинарско прашање за отпадот во кругот на Клинички центар, Шабани изјави дека досега имале заеднички акции со другите претпријатија и оти чистеле таму, иако не е нивна обврска.

– Мора да се најде решение за Клинички центар. Во интерес на граѓаните на Скопје и на пациентите ние неколку пати самоволно чистевме, со помош на другите јавните претпријатија. Таму треба да се чисти секој ден. Тие треба да го најдат решението – рече Шабани. Додаде дека Клинички центар на „Комунална хигиена“ и должи над 30 милиони денари.