Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пазарџиите повторно со протест го блокираа градот

Закупците на тезги на зелениот пазар повторно излегоа на протест и не отстапуваат од своите барања ЈП „Паркинзи на општина Центар“ да ги врати цените за паркирање од пред поскапувањето од 8 јануари. И вчераутро застанаа кај седиштето на „Макпетрол“ и ја затворија за сообраќај улицата Кирил и Методиј, а тоа пак предизвика блокирање на сообраќајниот тек низ целиот град. Нервозни беа вчера и возачите и граѓаните што се најдоа во метежот, кој траеше речиси два часа – од 8 до 10 часот.
Од своите барања пазарџиите не отстапуваат и ќе протестираат како што и најавија – десет дена. Но нема отстапки ниту од ПОЦ, од каде што порачуваат да се прифатат новите услови за паркирање. И натаму нивниот став е дека зголемувањето на цената е за жителите од околината да добијат простор за паркирање, но и да се избегнат злоупотребите на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“.

Во Центар казнети 216 непрописно паркирани возила

Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“, во соработка со сообраќајната полиција, во периодот од 8 до 13 јануари 2020, казнило вкупно 216 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Сто дваесет и седум непрописно паркирани возила биле отстранети со „пајак“, а на 89 возила им биле поставени блокатори.
ЈП ПОЦ и СВР-Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општината Центар за да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Предавање на тема „Стрес-моќта на човечкиот деструктивен нагон“

„Стрес-моќта на човечкиот деструктивен нагон“ е темата на која на 17 јануари во салата за кинопроекции на кинотеката „Македонија“ (спроти гимназијата „Никола Карев“, зад Лептокарија) предавање ќе одржи проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар епилептолог. Предавањето ќе започне во 13.30 часот, а ќе можат да го проследат сите заинтересирани млади и повозрасни лица, кои ќе сакаат да чујат нешто повеќе на оваа актуелна тема.
– Ги повикуваме сите заинтересирани да бидат дел од предавањето. На него, професорот Чепреганов ќе се осврне на причините генератори на стресот, актуелните случувања во општествено-политичкиот живот и нивното влијание врз сите чинители во заедницата – велат од општината Карпош.
Професорот Чепреганов е почесен граѓанин на општината Карпош, автор на 40 монографии за мозокот, неговите функции и заболувања, од кои пет се објавени на француски јазик, една на бугарски јазик.