Комуналците од дома ќе подигаат кабаст отпад

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ сега и од домовите на граѓаните ќе подига кабаст отпад. Користејќи ја оваа нова услуга сега жителите на градот Скопје, кои имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и од неупотребливите електронски и електрични уреди, можат да го направат тоа на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 и да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт со специјалните возила на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје.
– Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот за дополнителни дејности – информираат од претпријатието.

Се обновуваат пешачки патеки во Аеродром

Општина Аеродром почна со реконструкција и обнова на јавните пешачки патеки и површини на целата своја територија. Стариот и мошне оштетен асфалт на старите пешачки патеки ќе биде најнапред отстранет, а новите патеки ќе бидат поплочени со павер-елементи. Градежните зафати почнаа на улицата Коста Новаковиќ.
– Улицата Коста Новаковиќ првпат по повеќе децении ќе добие нови пешачки патеки со површина од 3.500 квадратни метри со павер-елементи во боја и со нови рабници – велат од Аеродром.
Н: Реконструкција на улицата Марко Орешковиќ во Кисела Вода
Започна реконструкцијата на улицата Марко Орешковиќ во Кисела Вода. Улицата се реконструира во должина од 1.500 метри и ширина од 4,5 метри.
– Градоначалникот Филип Темелковски во придружба со претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, и со советникот Зоран Ацевски, изврши увид во градежните работи за реконструкција на улицата Марко Орешковиќ. По санацијата на оштетената улица, која според предвиденото треба да заврши за 15 дена, граѓаните ќе можат безбедно да стигаат до своите домови, а и да ги посетуваат најстарите цркви во градот, „Св. Ѓорги“ и „Св. Никита“ – појаснуваат од Општина Кисела Вода.