Реконструкција на игралиштето во училиштето „Гоце Делчев“

Општина Аеродром го реконструира детското игралиште што се наоѓа во рамките на дворниот простор на основното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Горно Лисиче.
Надлежните од Аеродром информираат дека се реконструираат и детските игралиште во новиот парк во Стар Аеродром, потоа она до кружниот тек кај поликлиниката „Јане Сандански“, во Реонски центар и зад ТЦ „Капитол“, кај трите бели кули.
За безбедна игра на дечињата, Општина Аеродром ги реконструира и детското игралиште до училиштето „Ѓоргија Пулевски“, игралиштето на улицата Методија Шаторов-Шарло пред ресторанот „Еквилибриум“, двете игралишта во Долно Лисиче, пред месната заедница и пред надвозникот, како и старото игралиште во Ново Лисиче, зад комплексот „Адора“.

Експертизата потврди – салата „Партизан“ има стабилна статика

Направената експертиза покажа стабилна статика на стариот објект на салата „Партизан“. Експертски тим предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер, како и компанијата „Адинг“ АД Скопје, деновиве изврши процена на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан“. Стручните лица утврдија дека објектот е направен од армиранобетонска конструкција, која, генерално, е во добра состојба.
– Во доставениот извештај до Општина Карпош, се констатира дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и неговите инсталации „Партизан“ може повторно да се врати во функција. Периодов се работи и на подготовка на основен проект, кој во себе ќе го интегрира идејното решение за изгледот на салата што беше избрано од граѓаните на Карпош – велат надлежните од оваа општина.

Салата „Партизан“ ќе го задржи својот автентичен изглед и габарит, а додадена вредност ќе биде мултифункционалноста на овој спортски центар. По завршувањето на основниот проект, се очекува да почнат активностите за реконструкција на објектот, кои ќе бидат реализирани од Агенцијата за млади и спорт.
– Ревитализацијата на овој објект, кој е донација од Франција по катастрофалниот скопски земјотрес, ја обедини целата јавност. Салата „Партизан“ претставува позитивен пример за трајна заштита на јавниот простор, спортски објект што е во колективната меморија на скопјани – посочуваат од локалната самоуправа на Општина Карпош.