Дел од Кисела Вода пет часа без струја

Поради планирани технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска пет часа без електрична енергија ќе останат некои од жителите на Кисела Вода. Како што информираат од регионалниот центар за управување со кризи во Скопје, во периодот од 9 до 14 часот струја ќе немаат оние што живеат на улицата Саса 30 во населбата Пинтија и жителите од Саса 18. Прекин во напојувањето со електрична енергија денеска ќе имаат и жителите од населеното место Горно Нерези, и тоа во периодот од 9.30 до 12 часот.

Градот ќе финансира проекти „Култура во време на корона“

Град Скопје, заедно со градските културни институции, ќе финансира проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Јавниот повик е веќе објавен, а идејата е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.
– Маалските концерти од програмата „Култура за време на корона“ побудија голем интерес, имаа одличен прием кај околните жители и постигнаа голема гледаност на социјалните мрежи на Град Скопје. Во текот на завчерашниот ден на повеќе локации низ Скопје настапија Арда Мустафаоглу, Емилија Потевска Попивода, Дуња Иванова, „Силви бенд“, „Плуто‘с доубтс“ и „Саут парк“, а на социјалните мрежи на Град Скопје имаше над 50.000 прегледи – информираат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека маалските концерти продолжуваат и во наредните денови на повеќе локации во Скопје, за граѓаните поисполнето да ги поминуваат деновите дома.

Карпош имаше викенд со музика за сите генерации

Музика за сите генерации, позитивна енергија од околните тераси и двочасовно уживање со диџеј Бабура Јуниор. Во овој стил помина музичкиот настан „Звуците на урбан Карпош“, организиран од Општина Карпош, реализиран на покривната површина на ТЦ „Сити мол“.
– Диџеј Бабура Јуниор нѐ потсети на голем број дискохитови, но и на македонски и странски ретропесни. Тој одржуваше и постојана комуникација со публиката од околните тераси, при што се направи ѕвездено небо во спомен на нашата музичка легенда Тоше Проески – велат од Општина Карпош.
Надлежните појаснуваат дека овој музички перформанс имаше за цел да ги анимира граѓаните за време на полицискиот час, како резултат на пандемијата на коронавирусот. За него не се потрошени средства од буџетот туку беше спроведен на волонтерска основа и преку донации.