Се градат велосипедски патеки во Маџари и во Ченто

Започна големиот проект за поврзување со велосипедски патеки на населбите Маџари и Ченто со преостанатиот дел од градот. Во моментов се вршат градежни работи за изградба на нова велосипедска патека на булеварот Александар Македонски, од клучката Естекада до улицата Благоја Стефковски. Паралелно со овие активности, во рамките на проектот за реконструкција на улицата Благоја Стефковски, во моментов се работи на изградба на нова велосипедска патека на потегот од крстосницата кај улиците 15. Корпус и Методија Андонов-Ченто до крстосницата со улицата Петре Филиповски-Гарката и свртувањето кон улицата Перо Наков и металски завод „Тито“. Трасата е со должина од 870 метри.
– За потсетување, изминатиов период завршија градежните работи за изградба на велосипедска патека на булеварот Киро Глигоров, на потегот од крстосницата со улицата Перо Наков до улицата 808, а во наредниот период истата таа ќе се поврзе до клучката Естекада, со што ќе добиеме дополнително поврзување (конектор) во правец север-југ, кој ги спојува општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба. Четирите постојни маршрути, вклучувајќи го и кејот на реката Вардар, се врзуваат со новите велосипедски патеки во населбата Маџари – информираат од градот Скопје.
Оттаму дополнуваат дека работат и на подобрување на велосипедската инфраструктура во градот и потсетуваат дека во текот на 2019 година се реконструираа постојни и се изградија нови велосипедски патеки во должина од околу 16 километри.


Најавените еколошки автобуси ќе пристигнат годинава

Новите долго најавувани 33 еколошки автобуси треба да пристигнат оваа година. Како што имаше најавено градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, станува збор за 21 нископодни и 12 зглобни еколошки автобуси, кои не го загадуваат воздухот. Новите возила ќе го подноват возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие, а скопјани ќе добијат посовремен јавен превоз.
– Годинава треба да пристигнат 33 нови еколошки автобуси на гас (21 нископоден и 12 зглобни), каде што најголемата предност е што емитуваат значително помалку јаглерод диоксид или речиси воопшто не го загадуваат воздухот – напиша и на својата фејсбук-страница скопскиот градоначалник Шилегов.
Дали ќе пристигнат во втората половина на јануари, како што рече еднаш, останува да видиме.