Нов асфалт на пристапната улица кај гробиштата во Ѓорче Петров

Пристапната улица кај гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров доби нов асфалт. Жителите на општината често имаа поплаки за улицата. Сега со асфалтирањето конечно ќе се елиминираат долгогодишните тешкотии при движењето на пешаците и сообраќањето на возилата во тој дел од општината.

Драчево ќе добие нова детска градинка

Населбата Драчево ќе добие нова детска градинка, а градежните зафати веќе се во тек. Новиот објект ќе овозможи да се намалат листите на чекање за упис во објектите на ЈДГ „8 Март“ и „Пеперутка 1 и 2“.
Новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. На приземјето ќе се наоѓаат главниот влез на градинката и четири занимални. На првиот кат се планира да бидат сместени јаслите, како и придружни простории – информираат од општината Кисела Вода. Капацитетот на градинката ќе овозможи да бидат згрижени вкупно 125 деца, од кои 95 на возраст од две до шест години и за 30 до двегодишна возраст. Целокупниот проект е финансиран преку кредит од Светската банка за спроведување на Проектот за подобрување на социјалните услуги. Од локалната самоуправа велат дека покрај сите проекти реализирани досега, ги решаваат и проблемите на родителите за згрижување на нивните деца во градинките.

Санирана улицата Козле 10 во населбата Нерези

Општината Карпош изврши санација на улицата Козле 10 во населбата Нерези. Надлежните признаваат дека повеќе години оваа локална улица беше во руинирана состојба, по што службите за одржување на инфраструктурата извршија целосна санација на повеќе ударни дупки.
– На овој начин, олеснат е пристапот до повеќе домаќинства во овој дел од Карпош. Локалната самоуправа продолжува со интензивно развивање на периферните делови на Карпош. Изминатиов период значително се инвестира во подобрување на инфраструктурата и во Бардовци, Злокуќани и Криви Дол – информираат од општината Карпош.