Во училиштето „Киро Глигоров“ отворен Центар за лица со церебрална парализа

Пуштен е во употреба новиот центар за лица со церебрална парализа, лоциран во основното училиште „Киро Глигоров“. Станува збор за прв инклузивен центар за вакви лица на површина од 305 квадратни метри. Опремен е со антибактериски подови, тоалети адаптирани за потребите на лицата со церебрална парализа, кујна по ХАСАП-стандарди, рампи за пристап до ботаничката градина и спортските терени во училиштето, клинео-тавани, адаптибилно загревање и интерактивни табли.
– Станува збор за прво инклузивно училиште, како што беше најавено на самото отворање на ООУ „Киро Глигоров“. Изминатиов период, заедно со Министерството за труд и социјална политика, напорно работевме и успеавме да го завршиме овој центар за лицата со церебрална парализа. Дневниот центар официјално ќе почне да работи за 15 дена, а вкупниот капацитет на лицата што ќе членуваат во овој дневен центар ќе биде четириесет – вели градоначалникот на општината Центар Саша Богдановиќ.
Во овој центар децата ќе добијат поддршка во согласност со нивните индивидуални потреби. Преку отворање ваков центар, општината Центар покажува грижа и целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството, како и огромното значење за локалната заедница во обезбедување поквалитетен живот за сите граѓани во целата заедница.

Кисела Вода ќе го реализира проектот „Велоучилишта“

Општината Кисела Вода потпиша меморандум за соработка со здружението за заштита и унапредување на животната средина и промовирање на концептот за одржлив развој „Екологик“. Во согласност со меморандумот, ќе се реализира проектот „Велоучилишта“ креиран од страна на „Екологик“, кој ќе има цел да го зголеми и унапреди знаењето за велосипедизмот, одржливиот транспорт и безбедноста во сообраќајот кај учениците, нивните родители, наставниците и пошироката јавност од општината Кисела Вода. Во проектот ќе бидат вклучени сите општински основни училишта. Преку овој проект е оформена првата официјална мрежа на општинските основни училишта, кои активно, посветено и редовно ќе работат на за велосипедизам, одржлив транспорт и безбедност во сообраќајот.