Градинката „Орце Николов“ доби нови тоалети

Општината Карпош изврши целосна реконструкција на тоалетите за децата од осум месеци до тригодишна возраст во објектот на предшколската установа „Орце Николов“ во Карпош 4. Интервенцијата на санитарните јазли во градинката значително ги подобри хигиенско-санитарните услови во објектот, со што на децата им е овозможен и попријатен престој. Општината планира реконструкција на делови од други градинки.
– Општината Карпош продолжува со секојдневно унапредување на условите во градинките, а за оваа година се предвидуваат и нови занимални за градинката „Орце Николов“ во Карпош 3, како и надградба на градинката „Распеана младост“ во Карпош.

Стипендии за средношколци спортисти

Градот Скопје ќе додели 120 стипендии на средношколци спортисти. Стипендистите ќе добиваат износ од 24.000 денари во тековната 2020 година. Заинтересираните за стипендија треба да поднесат пријави најдоцна до 27 јануари годинава и тоа до 19 часот. Градот трета година едноподруго доделува стипендии за талентираните спортисти средношколци.

– Заинтересираните кандидати треба да се жители на Скопје и да учат во средните училишта на подрачјето на градот Скопје. За да добијат стипендија за годинава, пријавите треба да ги достават до градот Скопје, преку пошта на адресата булевар Илинден број 82, 1000 Скопје, или во архивата на градот Скопје – информираат од градот.

Идејата за доделување стипендии е за да се зголеми мотивираноста кај младите и талентирани млади спортисти од средните училишта.

Освен тоа што апликантите треба да се државјани на Република Северна Македонија, жители на Скопје од која било од десетте општини на подрачјето на Скопје, треба да се и активни спортисти и спортистки, членови на спортски клуб од подрачјето на градот Скопје регистриран во матичната национална спортска федерација. Пожелно е да имаат високи спортски постигнувања.