Децата од градинките во Кисела Вода добија маски

За да се заштитат од загадениот воздух, децата од предучилишните установи што се под ингеренции на општината Кисела Вода ќе носат маски. Општината Кисела Вода обезбеди 2.200 маски, кои ќе им помогнат за заштита на здравјето на дечињата што ги посетуваат објектите на двете јавни детски градинки, кои се под нејзина надлежност.
– Претседателот на советот на општината Кисела Вода, Дарио Шимиќ, вчера им ги подели маските на децата од ЈДГ „8 Март“, во објектот „Расадник“ и ЈДГ „Весели цветови“. Шимиќ на дечињата им објасни како и зошто треба да ги носат маските. Заштитни маски ќе им бидат поделени на децата во сите објекти на ЈДГ „Весели Цветови“ и ЈДГ „8 Март“. Давањето на маските е дел од мерките што општината Кисела Вода ги презема за заштита на здравјето на своите најмлади жители – информираат од општината Кисела Вода.

ЈП „Водовод и канализација“ ќе соработува со водоводот на Будимпешта

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ со потпишување меморандум се обврза на соработка со водоводот на Будимпешта. На официјалниот документ свои потписи ставија генералниот директор на „Водовод и канализација“ – Скопје, Душко Весковски и директорот за меѓународен развој на водоводот на Будимпешта, Тамас Бенце.
Целта на меморандумот, како што велат од претпријатието, е проширување на знаењето, размена на искуствата и вештини во полето на технолошкиот развој, водоснабдувањето, одржувањето и реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа, третманот на отпадните води, унапредувањето на инфраструктурата, одржувањето семинари и работилници за проширување на знаењето и искуствата, како и соработка на експертско ниво во секој сегмент од оваа област.
Двете страни, кои ја договориле официјалната соработката, се обврзале дека ќе прават напори за унапредување и подобрување на оперативноста и услугите во насока на исполнување на потребите на своите корисници, како и во насока на заштита на водните ресурси и животната средина.