Почна да се гради тротоар на улицата Скупи

Екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ почнаа со градежните зафати за изградба на нов тротоар на јужната страна на улицата Скупи. Новата пешачка патека е на потегот од бензинската пумпа на „Макоил“ до крстосницата со улицата 10, која води кон Бардовци. Тротоарот ќе биде долг 500 метри, широк два метра и покриен со асфалт на површина од вкупно 1.000 квадратни метри. Градежните работи се очекува да завршат за околу еден месец, во зависност од временските услови.
– За жал, на оваа локација никој не предвидел изградба на тротоар, а сите знаеме колку беше небезбедно движењето на пешаците. Нашата цел е на граѓаните што го користат овој потег да им обезбедиме непречено и безбедно движење. Сведоци сте дека градот Скопје константно работи на ослободување и на создавање нови пешачки простори, за да имаме побезбедни пешачки површини за сите наши граѓани – рече портпаролот на градот Скопје, Ваљон Салиху, на почетокот на градежните зафати на новиот тротоар.

Во Карпош 1, преку анкета, граѓаните ќе одлучат за зонско паркирање

Општината Карпош започна со теренско анкетирање во урбаната заедница Карпош 1, за граѓаните да одлучат дали се за регулирање на паркирањето или не. Анкетата се реализира по барање на граѓаните, односно по поднесени иницијативи од заедниците на сопственици, кои се за воведување зонско паркирање. Анкетата ќе ја спроведат посебно обучени тимови од општината, со легитимација и анкетен лист, и ќе ги посетат сите домаќинства, за да се види интересот на граѓаните и да се дадат подетални информации за организираниот начин на паркирање. По завршувањето на анкетата во Карпош 1, ќе се анкетираат и граѓаните од урбаната заедница на Карпош 2. Тимовите ќе анкетираат секој работен ден од 17 до 19 часот, а за време на викендот, в сабота и недела, од 10 до 13 часот. Во случај граѓаните да не се дома, анкетен прашалник ќе можат да пополнат во урбаната заедница на улицата Иван Агоски б.б., при што ќе треба да покажат лична карта. Регулацијата на паркингот значи дека граѓаните резиденти на Карпош 1 ќе имаат право бесплатно да паркираат до три сопствени возила, а паркирањето би било организирано и спроведено од ЈП „Градски паркинг“.