Нови прозорци, врати, под и покрив во градинката „Мајски цвет“

Во детската градинка „Мајски цвет“, во урбаната заедница Владо Тасевски, извршени се повеќе реконструкции и санации, со што значително се подобрени условите за престој и грижа на најмладите, информираат од општината Карпош.
Во објектот целосно е заменет покривот. Старите азбестни табли се заменети со нова покривна површина, за да се заштити здравјето на децата, но и да се придонесе во заштита на животната средина. Заменет е и подот во градинката, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање целосно се променети надворешните прозорци и врати, со што се подобри енергетската ефикасност на установата, а заштедата на сметките за топлинска енергија ќе биде до 30 отсто. Исто така, управата на градинката вложи средства за обнова на тоалетите и набавка на нов мебел, креветчиња, шкафови и клупи.
Како што јавно кажа градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, локалната самоуправа се фокусира на реконструкција и на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1, на улицата Варшавска.
– Овој објект повеќе години е во лоша состојба, но напролет ќе започнеме со реконструкција на тоалетите, а потоа ќе следуваат и промена на надворешната столарија и обнова на фасадата. За овие активности, општината предвиде буџетски средства од пет милиони денари – рече Богоев.
Тој додава дека локалната самоуправа продолжува да инвестира во сеопфатно и инклузивно предучилишно образование.

Интензивни градежни активности во Шуто Оризари

Во општината Шуто Оризари во тек се изведбени градежни активности за реконструкција на улицата Мелничка. Според планираното, коловозот на оваа сообраќајница ќе се реконструира во должина од 586 метри. Како што информираат од општината, уличната реконструкција е финансиски поддржана од македонската влада.
– Исто така, селото Горно Оризари, доби нова фекална канализација, која се гради од кракот 1 до кракот 13, кои ќе се поврзуваат со кракот 1 на градската канализациска мрежа. Новата фекална канализација ќе спречи формирање септички јами, создавање загадени води и ќе придонесе кон заштита на животната средина – велат надлежните од Шуто Оризари.
За да се почитуваат сообраќајните правила и да се спречи непрописното паркирање на јавни површини, во населбата се поставени 59 портокалови сообраќајни столбови.
Поставената сообраќајна сигнализација е особено важна за сообраќајната безбедност и за спречување на сообраќајниот застој.