Спортската сала во ОOУ „Тихомир Милошевски“ има ново греење

Спортската сала во основното училиште „Тихомир Милошевски“ во општината Ѓорче Петров добива нов систем за загревање, преку имплементација на мерките од Планот за чист воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Со новиот систем ќе се обезбеди 120 киловат-часа топлинска енергија, со топлинска пумпа воздух-вода, со номинална електрична моќност од 20 киловат-часа за потребите за загревање на над 8.000 кубни метри. Со спроведувањето на мерката,- ќе се подобрат условите за спроведување на училишните активности на децата, како и условите за одржување – поголеми спортски и други настани во општината – велат од Ѓорче Петров.

Се прави парк во Аеродром

Нова зелена површина се подига на булеварот Трета македонска бригада спроти „Американ колеџ“ во општината Аеродром. Паркот ќе биде хортикултурно уреден, а ќе се посадат и нови дрвја. Низ него ќе има патеки, а ќе биде поставена и нова урбана опрема.
Од општината Аеродром информираат дека својата територија наскоро ќе ја збогатат со уште нови паркови на повеќе локации. Додаваат дека приоритет ќе им биде подигнување што поголем број зелени површини.
Оттаму не информираат колкава нова парковска површина ќе биде подигната, но, секако, новите паркови ќе бидат добредојдени за граѓаните, по сите нивни реакции дека токму во оваа скопска општина беа уништени парковски површини и дрвја за изградба на паркиралишта и згради.

Зимзелени дрвца во дворот на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“

Општината Шуто Оризари спроведе неколку интензивни активности за зголемување на зелената површина и заштитата на животната средина во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“. Во дворот на училиштето се посадени нови дрвца, поставен е рационален систем за наводнување капка по капка, а земјиштето е нивелирано, по што во март ќе следува подготовка за засадување трева.
– Напорите на локалната самоуправа за целосна реконструкција на училиштето се во насока на обезбедување подобри услови за реализација на поквалитетна настава – велат од општината Шуто Оризари.
Оттаму апелираат до родителите и учениците да се зачува новото зеленило во училишниот двор.