Гази Баба ќе реконструира патна инфраструктура

Општината Гази Баба доби техничка документација за реконструкција и изградба на патна инфраструктура во населените места Хиподром, Ќерамидница и Сингелиќ, а со поддршка на Министерството за финансии и на Светска банка.
Со подготвената проектна документација, клучните улици Никола Киров Мајски, Пехчевска и Жан Жорес, во Хиподром, потоа улицата пред основното училиште „25-ти Мај“ во Ченто, како и улицата 515 во населбата Ќерамидница, ќе добијат целосно нов лик, во должина од три километри.
Според градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, населбата Хиподром 2 добива целосна патна инфраструктура, која ќе ги поврзе новиот и стариот дел, проблем што чекаше подобро утре повеќе од 16 години.
– Сега граѓаните нема да имаат потреба да се движат со километри за да стигнат од еден до друг дел на населбата, со што ќе им се овозможи на жителите директно поврзување на двете населби, кои ќе претставуваат една инфраструктурна целина. Особено сум горд што децата што живеат подалеку од ООУ „Вера Јоциќ“ повеќе нема да имаат потреба да патуваат со километри за да стигнат до училиштето. Исто така, за жителите што го користат јавниот превоз лесно ќе биде достапна последната постојка на автобуската линија 50, а побрзо ќе стигнуваат и до трговскиот центар. Со овој проект им се става крај на отсечените населби, кои чекаа нивно поврзување речиси две децении – објаснува Георгиевски.

Општината Центар сними злоупотреба на паркингот „Аутомакедонија“

Изминатата недела пазарџиите од зеленото пазарче неколку дена протестираа бидејќи им беа скратени сите злоупотреби што ги извршуваа секојдневно на паркиралиштето „Аутомакедонија“, соопштуваат од општината Центар. Надлежните деновиве ги скенираа состојбите на терен на паркиралиштето на кое сега цената за паркирање од еден час од 40 денари, јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ ја зголеми на 70 денари.
Со фотографии на својата веб-страница општината Центар потврдува дека поголемиот дел товарни возила се користат за мобилна продажба, а преостанатиот дел ги злоупотребуваат добиените повластени паркинг-карти за вработени во деловен субјект што служат за паркирање автомобили, а не за товарни возила.
Со снимено видео општината сака да покаже дека пазарџиите на крајот на работното време, пред напуштањето на паркиралиштето, користат железни колички за пазарење, кои сензорот ги препознава како возила, и системот за нив автоматски печати билет. На тој начин тие, наместо да платат за цел ден паркирање, плаќаат само за еден час.