Противпожарната бригада на Град Скопје заедно со припадници на специјалните единици на МВР вчера во центарот на Скопје ја презентираа новата противпожарна скала. На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.

– Скопје од денес е побогато за ново специјализирано возило – 45 метарска противпожарна скала каква што досега немало во историјата на Република Северна Македонија. Оваа презентација ја организиравме со цел граѓаните на Скопје да можат визуелно да се запознаат со дел од перформансите кои ова возило ги нуди, а тоа пак е многу важно затоа што тоа ќе значи многу спасени животи и на нашите сограѓани, но и на хероите на градот, припадниците на скопската противпожарна бригада – рече Шилегов.

Градоначалникот додаде дека конечно ќе можеме брзо и ефикасно да ги спасиме и сите граѓани кои живеат и повисоко од петти кат на скопските висококатници, што за жал тоа досега беше многу тешко изводливо, на граница на невозможно.

Шилегов истакна дека со ова повеќенаменско возило како дополнителна опрема е вклучена и пумпа за вода со капацитет од 45.000 литри во минута, со која на пример олимписки базен може целосно да се испразни за помалку од 16 минути.

– Да ја имавме оваа опрема кога беше поплавата во Стајковци за некаде ден ипол до два, целата вода од населените места ќе можеше да биде испумпана, а самата скала може да биде користена и како кран за подигнување на товар до 4 тона – рече градоначалникот.