Уредувањето на Сквер Јадран, во центарот на градот, е во целосна согласност со тенденцијата на Град Скопје да ослободи и да уреди колку што е можно повеќе простор за пешаците и за велосипедистите, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на реконструкцијата на овој сквер. На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателот на здружението „Гоу Грин“, Антонио Јовановски.

Градот Скопје ја поддржува акцијата што ја презема Општина Центар, таа е во насока на она што и Градот Скопје го работи на подрачјето на Малиот ринг. Знаете како денес изгледа делот од плоштадот каде што порано на секој дожд се создаваше вирче и граѓаните не можеа да го користат, знаете како порано тротоарите кај „Тинекс“ беа користени за паркирање, облагороден е просторот пред Пошта, а во моментов се работи спроти Охридска банка. Централното градско подрачје треба да стане простор којшто ќе служи на потребите на граѓаните, а не на нивните автомобили – рече Шилегов.

Градоначалникот Богдановиќ денеска најави дека во текот на реконструкцијата на Сквер Јадран ќе се заменат бекатон-плочките и рабниците, ќе се постават нови клупи, корпи и корпи за селектирање на отпад, ново осветлување и нови дрвја со систем за наводнување.

За првпат на територијата на Општина Центар и воопшто на територијата на цела држава, ќе бидат поставени паметни клупи на јавна површина од страна на здружението „Гоу Грин“. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет и можност за полнење на мобилни телефони, најави Богдановиќ. Со цел проектот што го реализира Општина Центар да биде поуспешен, обезбедена е и донација од Еврејската заедница за нов дрворед од јапонски цреши.

Антонио Јовановски објасни дека проектот „Еко иновативни зони“ по иницијатива на „Гоу грин“ наишол на целосна поддршка од Општина Центар и со поддршка од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, успеале овој проект да стане реалност.