Фото: Игор Бансколиев

Граѓанскиот инспекциски совет и ресорното министерство заеднички ќе се раководат од потребата за постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото за владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри

НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР СЕ МОБИЛИЗИРА ЗАЕДНО СО ЦЕНТРАЛНАТА И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ВО БОРБАТА СО ЗАГАДУВАЊЕТО

Еден од најголемите предизвици на локалната и на централната власт веќе неколку години е загадувањето на воздухот, кое зема сѐ поголем замав и штетно влијае врз здравјето на луѓето. Неможноста да се излезе на чист воздух надвор претежно во зимскиот период, загадувањето на животната средина од страна на несовесни физички и правни лица што фрлаат комунален и градежен отпад каде што ќе стигнат, палењето депонии и загадувањето на реките во главниот град, но и низ земјава, се можеби најголемите проблеми со кои се соочуваат локалната и централната власт, но и оној мал број совесни граѓани што живеат одговорно кон сопственото опкружување. Сепак, овој проблем веќе многу години како да лута низ канцелариите на ресорните и одговорните институции, кои никако да најдат соодветно решение и конечно да стават крај на ваквото самоубиствено однесување.

НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО СОРАБОТКА СО ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ

Загадувањето на воздухот како еден од најголемите проблеми на метрополата, но и негрижата на институциите, граѓаните и правните субјекти кон животната средина, беа доволна причина за група од 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции, кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), да формираат Граѓански инспекциски совет (ГИС). ГИС беше формиран на 22. месецов, токму на Светскиот ден на водата, со намера да се сврти вниманието на јавноста за важноста на потребата за заштита и рационално користење на водите како природни ресурси во земјава.
Според информациите, ГИС е формиран поради потребата за поефикасна соработка на ДИЖС со граѓанскиот сектор и граѓаните, како централна институција за контрола и казнување поради загадувањето и уништувањето на животната средина.
Граѓанскиот инспекциски совет и ресорното министерство заеднички ќе се раководат од потребата за постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото за владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри. Оттука, соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето.

– Инспекторатот за животна средина преку поддршката од Граѓанскиот инспекциски совет ќе има можност да ги користи капацитетите на невладините организации и високообразовните институции што се членки на ГИС и да споделуваат информации и експертиза во насока на решавање тековни проблеми во надзорот во животната средина. Соработката предвидува ГИС и ДИЖС заеднички да прават анализи и да даваат предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнуваат дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина. Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции што не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните – информираа тие.
Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележи Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинашниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија.
Граѓанскиот инспекциски совет за соработка со ДИЖС се формира по иницијатива на Зелениот институт во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од британската амбасада во Скопје.

ГРАЃАНИТЕ АКТИВНИ ВО БОРБАТА СО ЗАГАДУВАЊЕТО

Граѓанскиот активизам и досега играше доста голем удел во решавање на проблемите со загадувањето на воздухот. Граѓаните на бесплатниот телефонски број 193 постојано пријавуваа нелегално запалени диви депонии, а преку социјалните мрежи редовно ги алармираа надлежните за дивите депонии, нелегалното фрлање градежен шут и отпад.
До септември минатата година, само во Скопје биле пријавени 49 огнови на отворено, додека во 2019 година биле пријавени 162 огнови на отворено. Во 2018 година, пак, биле пријавени 251 оган на отворено.
Во 2017 година, на почетокот на оваа кампања за неполн месец биле пријавени 54 огнови на отворено.
Битката со загадувањето на воздухот од страна на градските власти е придружена со голем број кампањи од страна на локалната власт. Пријавувањето нелегални огнови е една од нив. Пријавувањето нелегално запалени стрништа, субвенциите за купување инвертери, субвенциите за чистење оџаци во домаќинствата се само некои од кампањите што ги спроведуваат градските власти.

[email protected]