Силниот ветер во Скопје на моменти достигна и над 100 километри на час, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

– Во текот на изминатата ноќ поради продор на значително постудена воздушна маса на повеќе места, особено околу полноќ во западните и северните делови дуваше силен ветер чија брзина надминуваше 70 к/час. Особено силен ветер дуваше во Скопје, на моменти и над 100 километри на час. Во вториот дел од ноќта брзината на ветерот беше помала – велат од УХМР.

Во текот на ноќта и изутринава претежно во западните делови имаше врнежи од дожд, а на планините од снег каде се формираше снежна покривка и имаше појава на снежни наноси.

Силниот ветер синоќа корнеше дрвја и уриваше покриви во главниот град. Десетици дрвја се паднати на локации од невремето. Ветерот го откорна покривот и на Средното хемиско училиште „Марија Кири-Склодовска“. Откорнат е и дел од барокната фасада на МЕПСО.