Почна реконструкција на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, на потегот од крстосница со булеварот Илинден до крстосницата со булеварот Партизански одреди. Во текот на градежните работи ќе се извршат комплетна реконструкција на коловозот по целата должина на улицата од околу 580 метри, реконструкција на оштетените делови од тротоарите, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници.
На почетокот на реконструкцијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
– Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од ваквата интензивна градежна офанзива, која ја почнавме најмалку поради две причини.

Првата причина е основната цел, а тоа се развојот и одржувањето на сообраќајната инфраструктура во Скопје, а втората е помагањето на домашната економија во услови на пандемија на коронавирусот – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Значајно е да се нагласи дека на оваа улица ќе биде изграден и третиот конектор помеѓу главните велосипедски маршрути на булеварот Илинден и булеварот Партизански одреди.
Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици се одвива со забрзана динамика. Шилегов упати апел до граѓаните да ги почитуваат воведените привремени сообраќајни режими во повеќе делови од градот.