Општина Центар неодамна започна со реконструкција на уште едно детско игралиште, кое се наоѓа зад Универзална сала, на улицата Владимир Полежиноски.

Игралиштето ќе добие нови квалитетни детски реквизити, подна подлога, ново зеленило, како и клупи и канти за отпадоци.
– Овој градежен зафат е дел од активностите за реконструкција и санација на детските игралишта во општината, за подобрување на условите за одмор, забава и рекреација како на децата така и на нивните родители – информираат општинските власти.
Реконструкцијата ќе заврши на почетокот на септември, а наредни за санација се детските игралишта на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“, зад ТЦ „Зебра“ и игралиштето во населбата Пролет.