Општина Карпош започна со изведба на четири пешачки патеки во населбата
Козле. Имено, во тек е реконструкција на два пристапа – влезови кон зградите на улицата Јуриј Гагарин, број 43 и 45. Исто така, се прави една пристапна патека во должина на парковското зеленило, со намера граѓаните да имаат безбедно движење во овој рекреативен дел, како и една пешачка патека од гаражите кон паркингот.
Повеќе години овој дел од Карпош изгледаше запуштено и неуредено. При поинтензивен дожд пристапите се полнеа со вода со што движењето на граѓаните беше отежнато.
– По иницијатива на Одделението за комунална инфраструктура, а во консултација со заедниците на сопственици (куќни совети) од околните згради, Општина Карпош започна со активности за подобрување на пешачката инфраструктура – информираат од Карпош.
Локалната самоуправа и во претстојниот период продолжува со реконструкција на постојните и пробивање на нови пешачки зони во населбите.