Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави реконструкции на повеќе улици во главниот град. Со реконструкцијата на булеварот Партизански одреди, од мостот Обединети нации до општината Ѓорче Петров ќе почнат градежните работи, а потоа ќе се доврши и булеварот Христијан Тодоровски-Карпош и ќе се почне со работа на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина.

Ќе се реконструираат и средуваат и улиците Лондонска и Брадфордска во Карпош, како и улиците Ацо Шопов и Антон Панов во Кисела Вода. Најавите ги потврди и градоначалникот Шилегов, кој на прес-конференција на улицата Ацо Шопов информира дека токму на оваа локација ќе се изгребе стариот асфалт, ќе се постави нов порамнувачки и ќе се обложи со краен, завршен слој. Станува збор за потегот од крстосницата со улицата Марк Твен до кружниот тек со булеварот Партизански одреди, во вкупна должина од 1.100 метри и површина од 8.213 квадратни метри.

– Реконструкцијата на оваа улица предвидено е да заврши до ноември годинава, а за неа градот Скопје ќе потроши 5,9 милиони денари со вклучен ДДВ. Оваа улица речиси секојдневно ја користат жителите од Влае и околните населби, жителите од општината Ѓорче Петров и другите граѓани на Скопје – рече Шилегов.

Поради градежните активности на оваа улица ќе има привремен сообраќаен режим од крстосницата со Партизански одреди до крстосницата со улицата Марк Твен. Градоначалникот апелираше до граѓаните и учесниците во сообраќајот да се придржуваат на привремениот режим, да ја почитуваат поставената сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.