Почна раззеленувањето на дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“ во населбата Карпош 4.
Делот од училишниот двор што е по должината на улицата Разловечко востание добива нова тревна површина и систем за наводнување. За ревитализација на овој простор Општина Карпош аплицира и доби средства од 400 илјади денари врз основа на Повикот за намалување на загадувањето на воздухот распишан од Владата на Македонија.
– Предвидено е да се уредат околу илјада квадратни метри површина, а дополнително, локалната самоуправа на оваа површина напролет ќе засади и нови висококвалитетни дрвја и зеленило. Хортикултурното уредување на училишниот двор, преку буџетскиот анкетен прашалник, во неколку наврати е посочено како потреба и од жителите на Карпош 4 – велат од Општината.
Оттаму додаваат дека продолжуваат да вложуваат во раззеленување на училишните дворови или искористување на просторот за нови спортски содржини.
– Оваа година нов лик доби и дворот на ООУ „Лазо Трповски“. Во изминатиот период нови спортски игралишта се направија и во училиштата „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и „Братство“ – заклучуваат властите од Карпош.