Денот со кој започнува новата година има посебно значење. Психолозите велат дека човекот е свесно суштество, а во неговиот ум отчукува биолошки часовник преку кој тој го мери поминатото време за да утврди што постигнал

Први јануари, една секунда по полноќ, претставува премин од старата во новата година. Од рационален аспект обично оваа транзиција нема посебно значење, еден ден не прави никаква разлика и промена во животот на човекот. Но некако денот со кој започнува новата година има посебно значење, завршувањето на една година и започнување на друга претставува симболика за нов почеток. Психолозите велат дека човекот е свесно суштество, а во неговиот ум отчукува биолошки часовник преку кој тој го мери поминатото време. Поточно, тој има потреба да го мери времето за да утврди што постигнал во една временска рамка. Со сознанието дека наскоро доаѓа новата година, луѓето се поттикнати да слават и да излезат надвор од секојдневните рутини со кои тие дотогаш вообичаено биле зафатени. Дневните активности и секојдневниот живот не им даваат многу простор да размислуваат, да ги рефлектираат направените одлуки и преземените акции, да проценат што направиле и како да се подобрат самите себе. Освен можеби за денот на нашиот роденден, ниту еден друг момент во годината не привлекува ваков вид внимание.

Зошто почетокот на новата година носи толку посебна симболика? И зошто нејзиното славење е толку вообичаено низ целиот свет? Однесувањето кон овој настан сигурно мора да биде врзано со нешто внатрешно и суштински во човечкото битисување, нешто што е длабоко, значајно и важно. Со оглед на целата енергија и ресурси што се вложуваат не само во прославата, туку и во напорите да се постават и исполнат новите цели, кои најчесто луѓето не успеваат да ги остварат. Според психолозите, оваа симболика која се придава во овој момент е вкоренета од најмоќните мотиви, поточно мотивацијата за преживување.

Денот на Нова додина ни дава можност да го прославиме тоа што сме го направиле во текот на 365 дена, таа ни е единица време преку која ги согледуваме хронолошки резултатите од нашиот живот. Наздравувањето и кажувањето здравица за Нова година има посебна симболика. Уште една година помина, а ние уште опстојуваме. Ги подигнуваме чашите и наздравуваме за нашиот опстанок. Но што е со новогодишните цели како живеење поздраво, подобро и подолго, зарем тие не се поврзани со нагонот за опстанок? Според психологот Јасмина Јонуз, поставувањето цели за Нова година се примери на универзалната човечка желба да се има одредена контрола врз она што претстои, затоа што иднината е загрижувачка и непозната.

– Не знаејќи што доаѓа, значи дека не знаеме што треба да знаеме за да се заштитиме. За да се спротивставиме на тоа чувство на беспомошност, преземаме работи со кои се обидуваме да ја преземеме контролата над нашиот живот. Затоа се одлучуваме на диети и вежбање, откажување од пушењето и почнуваме да штедиме. Не е ни важно дали ние навистина ќе ги исполниме овие ветувања. Посветеноста кон нив, барем во еден момент, ни дава чувство на поголема контрола над неизвесните денови што доаѓаат – вели Јонуз.

Студијата од 2007 година на британскиот психолог Ричард Вajзмeн откри дека за многумина од нас ништо не се менува на новогодишниот ден. Од 3.000 луѓе кои биле проследени за истражувањето во рок на една година, 88 отсто не успеале да ги постигнат нивните поставени цели, иако 52 отсто биле уверени дека би ги постигнале во моментот кога си ги поставиле.