Општина Карпош постави нов „лежечки полицаец“ во населбата Карпош 4, околу основното училиште „Петар Поп Арсов“, по должината на улицата Разловечко востание, а во тек е поставување ваков тип сигнализација и по должината на улицата Волгоградска.
– Основната цел е да се зголеми безбедноста за најмладите, како и за сите граѓани. Во овој дел, покрај училиштето, има и две предучилишни установи (градинки), при што фреквенцијата на возила е голема. На овој потег локалната самоуправа има воспоставено и нов сообраќаен режим. Имено, еднонасочниот сообраќај и новата хоризонтална и вертикална сигнализација придонесоа да имаме побрз проток во сообраќајот, да се зголеми безбедноста, но и да се намали сообраќајниот метеж кај „Сити мол“ – информираат од општината.
Оттаму додаваат дека општината продолжува да поставува ваков тип сигнализација и на други места каде што има потреба и каде што е можно, во согласност со правилниците за поставување сообраќајна сигнализација.
– Ги повикуваме сите граѓани учесници во сообраќајот да бидат одговорни и да ги почитуваат поставените знаци – велат општинските власти.