Опожарениот автобус бил стар 25 години / Фото: Игор Бансколиев

Се запали автобус на приватното претпријатие „Слобода превоз“ додека бил на терминалот под Железничката станица и, за среќа, во него во моментот на опожарувањето немало патници. Автобусот, кој беше опожарен вчераутро, сообраќал на линијата со бројот 45 од Железничката станица кон населбата Ченто.
Како што информира Ленин Јовановски, првиот човек на „Слобода превоз“, од контролната табла што се наоѓала во долниот дел на возачкото место започнал да излегува најпрвин силен чад, а потоа и оган од кој возачот добил полесни изгореници на нозете во обид да го изгасне огнот. На помош да го гаснат огинот пристигнале и негови колеги од ЈСП „Скопје“ и поради сериозноста на опожарувањето за кратко била повикана противпожарната бригада.

– На терен веднаш интервенирала бригадата за противпожарна заштита, а увид направи и екипа на МВР. За среќа, нема повредени патници, ни околни минувачи, причинета е само материјална штета на возилото.Увид направи и внатрешната контрола на ЈСП.

Според изјавата на возачот, неколку минути пред 8 часот, тој се подготвувал да се вклучи на линија. Го запалил возилото, по што забележал чадење. Со противпожарен апарат се обидел да го изгаси огинот, но тој за брзо време почнал да се шири. Во меѓувреме на терен пристигнала и екипа на бригадата за противпожарна заштита, која спречила пожарот да ескалира. Според првичните сознанија, причина за пожарот е краток спој на електричната инсталација на автобусот – информираат од ЈСП.