Општина Илинден почна со реализација на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во делот на населбата Јака и околината, во должина од околу 7.600 метри, а со изградбата на фекалната канализација ќе бидат опфатени сите домаќинства од тој дел на општината.
Според градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, со изградбата на фекалната канализација во населбата Јака и околината, се решава долгогодишниот проблем со кој се соочуваа граѓаните од тој дел на Општина Илинден, а наедно ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се заштити животната средина.
Градоначалникот Георгиевски додаде дека вакви капитални проекти ќе бидат во фокусот на неговото работење во следните четири години.
Вредноста на овој капитален проект изнесува над 20.000.000 денари.
По изградбата на фекалната канализација ќе се изгради и пречистителна станица, која ќе ги прифати фекалните отпадни води од канализацијата.