Во скопската зоолошка градина во тек се градежни зафати кои треба да го прилагодат животниот простор за двете популарни скопски слоници. Дуња и Даела се со големи разлики во возраста, па младата Даела понекогаш е премногу палава за „бабичката“ Дуња. Тоа му доаѓа како познатиот „генерциски јаз“ кај луѓето, само што тој кај слоновите различно се манифестира – замислете вашата внука да има четири тони.

Во таквите периоди многу е важно двете слоници привремено да уживаат во прошетките одвоени една од друга. Токму тоа е главната причина поради која во текот на есента и зимата ќе се работи на градежни зафати кои вклучуваат и големи потпорни ѕидови, за кои сите материјали, во вредност од скоро половина милион денари, ги обезбеди еден од пријателите на скопската ЗОО, Цементарница УСЈЕ.

Сите се надеваат дека уредувањето на прилагодениот надворешен простор ќе биде финализиран до следната пролет. Сепак, посетителите на скопската ЗОО и во овој период ќе може да уживаат во редовните прошетки на популарните Дуња и Даела во другиот дел од нивниот двор, мамејќи ги љубопитните погледи и радувајќи ги особено најмладите.