Новото основно училиште што се гради во општината Илинден треба да биде завршено до крајот на оваа година, а првите ученици, според предвиденото, треба да ги прими на почетокот на второто полугодие од оваа учебна година.
– Новото основно училиште ќе биде со површина од 2.400 квадратни метри, со оптимален капацитет од 450 ученици во една смена, ќе располага со 15 училници, осум кабинети за наставници и сала за состаноци, опремени со ИТ-технологија и дидактички материјали, кои ќе придонесат за имплементирање модерен образовен систем на учење и нов квалитет на основното образование. Дополнително, со изградбата на училиштето ќе се овозможи и воведување целодневна настава за учениците – информираат од Општина Илинден.
Оттаму додаваат дека училиштето ќе биде високоенергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија.
Изградбата на новото основно училиште ќе чини 1,5 милион евра. Реализацијата на овој проект има цел да се подобрат условите во образованието, како и да се обезбеди квалитетна образовна инфраструктура, со просторни услови за одвивање современа наставна програма.