Загадувањето на воздухот беше тема и на еднодневниот семинар во Скопје, на кој
се дискутираа предвидените владини мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот. Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, којзнае по кој пат повтори дека проблемот со загадувањето е повеќедецениски и не се решава одеднаш и дека е потребно систематско решавање, а за оваа проблематика говореа и француски експерти. За воздухот вчера имаше и собраниска расправа.

– Индустриските капацитети претставуваат мал дел од загадувањето, а 70.000 домаќинства се главниот причинител за загадувањето на воздухот, сите ние треба да преземеме одговорност – рече Шилегов на вчерашниот семинар и додаде дека воведувањето бесплатен јавен превоз во периодот на големо загадување го чини градот околу 120.000 евра дневно.

Еколошките здруженија сметаат дека нема институционална подготвеност за спроведување на предложените мерки. Наедно потребен е ефикасен систем на надзор.
Јани Макрадули во своето излагање на вчерашната јавна расправа во собраниската комисија за транспорт и врски за загадувањето рече дека во однос на 2017-та, загадувањето на воздухот е намалено во 2018 година.

На семинарот за загадувањето на воздухот вчера присуствуваа директорот на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, претставници од локалната и централната власт, како и претставници од еколошките здруженија.