Фото: Маја Јаневска-Илиева

Контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за фрлање комунален отпад и граѓаните не смеат во нив да фрлаат кабаст отпад, електрични и електронски уреди, мебел и слично, велат од јавното претпријатие „Комунална хигиена“

Скопјани лани фрлиле повеќе од четири илјади килограми електронски отпад

Факт е дека како главен град имаме голем проблем со фрлањето на комуналниот, електронскиот и кабастиот отпад. Како луѓе никако не научивме каде и како да го складираме правилно отпадот, не научивме дека секој вид отпад си има свое место за фрлање.
За да добиете дополнителен контејнер за комунален отпад во населеното место каде што живеете, потребно е да поднесете барање во Град Скопје. Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје нема ингеренции за поставување контејнери.
– Живеам во Бутел 2, голема населба со голем број население. Иако сите ние тукашните жители располагаме со канти што се празнат од страна на комуналното претпријатие од пред нашите врати, сепак соседите изгледа не сакаат да ги полнат своите канти, па ѓубрето го фрлаат во парковите, затоа што контејнерите не ни се близу. Тука е проблемот. Луѓето не сакаат да пешачат за да си го фрлат ѓубрето, па фрлаат каде што ќе стигнат – вели Ана Стојановска, жителка на Бутел.
Сликата со отпадот низ градот не е нешто со што можеме да се пофалиме, особено затоа што на одредени локации залудни се и контејнерите, бидејќи ќесиња со ѓубре има насекаде околу контејнерите, освен во нив. За жал, не е проблем само комуналниот отпад. Низ улиците, откако почна пандемијата предизвикана од ковид-19, насекаде можат да се видат искористени заштитни маски и ракавици.

Тоа не е единствениот вид отпад што може да се забележи. Батерии, полначи, а неретко и тастатури, компјутерски глувчиња, монитори, стари телевизори, често можат да се забележат до контејнерите, но и во зеленилата и парковите.
Од комуналното претпријатие велат дека граѓаните и заедниците на сопственици треба да ги упатат своите барања за поставување дополнителни садови до Град Скопје, каде што соодветните сектори понатаму одлучуваат дали има потреба и можност да се постават нови садови.
Што се однесува до фрлањето на електронскиот отпад, граѓаните и тука потфрлуваат, бидејќи честопати го фрлаат во контејнерите.
– Контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за фрлање комунален отпад и граѓаните не смеат во нив да фрлаат кабаст отпад, електрични и електронски уреди, мебел и сл. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје им ја нуди можноста на граѓаните бесплатно да го остават својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 7 до 19 часот – велат од претпријатието.

Сепак, голема е бројката и на оние што изминатата година електронскиот отпад го фрлале во садовите наменети за него.
– Во текот на 2020 година, во посебните садови за отпад од електронски и електрични уреди лоцирани во центрите за селекција, се фрлени вкупно 4.590 килограми отпад – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека жителите на Скопје имаат можност на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да нарачаат екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје со специјални возила да го преземат и да го транспортираат кабастиот отпад од нивните домови и притоа да се договорат дали сакаат отпадот да биде преземен директно од внатрешноста на домот. Оваа услуга се наплатува во согласност со ценовникот за дополнителни дејности на ЈПКХС, донесен од страна на Советот на Град Скопје, на 28.5.2020 година.

[email protected]