​Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, вчера во селото Драчево свечено го отворија новоизградениот, импозантен Дом на културата.

По ова министерката Стефоска, директорот Бабовски и градоначалникот Темелковски од сцената на Домот на културата, во обраќањето пред присутните гости, го искажаа своето задоволство од новиот објект, кој нуди одлични услови за работа. Тие во обраќањата ја нагласија и потребата за продолжување на досегашната успешна соработка. Министерката и директорот ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат општина Кисела Вода.

По ова, министерката, директорот, градоначалникот, претседателот на Советот на Општината, и членот на Советот, Дарко Филиповски, направија увид во просториите на Домот на културата, каде се запознаа со условите и можностите за вршење на професионални активности.

Во новиот објект, жителите од селото и населбата Драчево, а и сите граѓани од Скопје и од државата, во Домот на културата/во киното, ќе имаат можност во современи услови да следат филмови и театарски претстави, да прават промоции на книги и изложби на уметнички дела, да организираат и да следат културни манифестации, да организираат саем на книгата и слично.

Покрај овие големи придобивки за граѓаните, во Домот на културата ќе биде сместена подрачна канцеларија на Управата за водење на матични книги, ќе се вадат изводи и државјанства, а ќе се склучуваат и бракови.

Во објектот обезбеден е и простор за најстарото културно уметничко друштво „Китка“ од Драчево, а во него се наоѓа и канцеларијата на месната заедница од селото Драчево, која за потребите на граѓаните, од следната седмица, поточно од понеделник ќе биде во функција.

Вкупната површина на објектот е 1.185 квадратни метри и истиот има 171 седиште. Приземјето е на 735 квадратни метри, додека првиот кат е на површина од 450 квадратни метри.

Изградбата на Домот на културата, Општината ја чинеше 39.923.725 денари. Дел од средствата беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.