Општина Карпош започна со санација на повеќе детски игралишта. Целосно е санирано детското игралиште во населбата Влае 2, кај спортските терени. Од општината планираат етапно да ги санираат и детските игралишта во другите населби.

– Службите вршат поправка и санација на оштетените реквизити, клацкалки и лулашки, како и на заштитните огради. Локалната самоуправа работи и на уредување на целосно нови паркови за деца. Веќе е достапно игралиштето за деца во населбите Тафталиџе 2 и Нерези, кај слаткарницата „Рафаело“. Во тек е и постапката за изведба на детска зона во Карпош 1, на улицата Иван Аговски, меѓу зградите 8 и 10. Исто така, нови детски игралиште ќе се направат и во населбите Злокуќани и Карпош 3 – велат надлежните од Општина Карпош.

Тие ги повикуваат граѓаните на правилно и одговорно користење на овие игралишта, како и на урбаната опрема, која е поставена во нивната околина. Да ги чуваат клупите за седење и кантите за отпадоци.