Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уште од првиот ден од мојот мандат почнавме да ја менуваме сликата за Карпош, со низа активности за надоместување на изгубеното зеленило и трајна заштита на јавниот простор. Промената ја бараа граѓаните, а и јас, заедно со нив

Стефан Богоев, градоначалник на Карпош

Со развивање маалски центри во секоја населба, со паркови, терени за спорт и рекреација, градоначалникот на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, го подобрува квалитетот на животот на граѓаните во својата општина. Како некои од најважните проекти, кои сѐ уште се во реализација, Богоев, меѓу другите, ги издвојува големиот парк спроти населбата Карпош 4 и иницијативата за обнова и спас на спортската сала „Партизан“, за што вели дека е горд што успеал трајно да го заштити овој култен спортски објект.

Со кои решенија вашата општина се издвојува од другите општини и кои проекти би ги истакнале како успешни?
– Верувам дека секоја општина има за себе уникатни проекти. Сепак, сакам Карпош да се препознава по зеленилото и по населбите што овозможуваат хумано живеење. Меѓу секоја зграда – маалски парк, детско игралиште, градинка и училиште. Населбите да овозможуваат удобен и квалитетен живот за сите граѓани. Затоа развиваме маалски центри во секоја населба. Тие ќе бидат централни места, маалски паркови, терени за спорт и рекреација на карпошани. Таков е веќе тревникот со клупи кај Драмски, скверот во Тафталиџе 2, а работиме на вакви центри и во Карпош 3 (во дворот на училиштето „Лазо Трповски“) и во Карпош 1, меѓу зградите на улицата Иван Аговски“ (брoj 8 и 10).

Како едни од најважните проекти, кои уште се во тек на реализација, се големиот парк спроти Карпош 4 и иницијативата за обнова и спас на спортската сала „Партизан“. Горд сум што успеавме трајно да го заштитиме овој култен спортски објект, за кој во тек е подготовката на основниот проект за реконструкција. Како веќе реализирани проекти се: картичката за попусти „Мој Карпош“, подобрувањето на условите во сите градинки во општината (од инфраструктурен аспект, но и во делот на воведување здрава исхрана во дневното мени), направивме нови терени за баскет и за фудбал во училишните дворови на „Јан Амос Коменски“ и на „Војдан Чернодрински“. Освен тоа, ограничената е употребата на мобилните во наставата, проект што се покажа како успешен… Имајќи предвид дека „Нова Македонија“ е популарна кај повозрасната публика, сакам да го најавам и воведувањето на „Хумани патроли“, кои ќе помагаат во обезбедувањето медицинска нега и грижа за највозрасните карпошани.

Во изминатиот период, Општина Карпош целосно ја смени сликата за себе и испраќа сосема нова порака до граѓаните – од засилена урбанизација во „зелена општина“. Што беше причина за тоа?
– Минатите години Карпош беше погоден од сериозна и агресивна урбанизација, која пред сѐ погоди една од најст­арите скопски населби – Тафталиџе. Постојат и повеќе случаи на бесправно отуѓување на земјиште, јавен простор, за изградба на згради. За ова мора да постои одговорност и ние доставивме докази до институциите што ги гонат сторителите на кривични дела (Основното јавно обвинителство, Управата за финансиска полиција).
Уште од првиот ден од мојот мандат почнавме да ја менуваме сликата за Карпош, со низа активности за надоместување на изгубеното зеленило и трајна заштита на јавниот простор. Промената ја бараа граѓаните, а и јас, заедно со нив, кога протестиравме и се боревме за заштита на јавниот простор. Како резултат на таа борба, во Карпош се работи на два големи парка, кои ќе бидат една целина, од Алпинистичката карпа до бунарите на реката Лепенец.

Добиваме уредено зеленило на повеќе од 60.000 квадратни метри, претвораме во парк децениска депонија, јавен простор на кој се палеа огнови на отворено и се придонесуваше кон зголемено загадување на воздухот. Дополнително, засадивме 643 висококвалитетни дрвја, како и 1.560 квадратни метри нови тревни површини. Сега сме фокусирани на поставување системи за наводнување во повеќе населби, за да се зголемат функционалноста и квалитетот на зелените површини.

Сепак, не се решени сите проблеми на граѓаните. Сѐ уште има тесни грла во сообраќајот, депонии, проблеми со инфраструктурата…
– Проблемите секогаш ќе постојат. Важно е да се решаваат системски. Депониите почнавме да ги затвораме. Ја затворивме најголемата јавна депонија по должината на кејот, површина што прераснува во нов парк. Затворивме и повеќегодишни депонии во Бардовци (по должината на Лепенец), како и во Злокуќани, кај фудбалското игралиште. Одржувањето на инфраструктурата е област на која постојано работиме.

Карпош е една од најурбаните општини и тука, генерално, не постои поголем проблем со улиците или со канализациската мрежа. Сепак, значително ги развиваме периферните делови, кои беа целосно заборавени. Мислам на Бардовци, Злокуќани, Криви Дол, населени места во кои изведуваме повеќе улици. Исто така, се подготвуваме за изведба на нова водоводна мрежа во Нерези. Во урбаниот дел, пак, се реконструираа улиците Њуделхиска на Млечен, Карпошово востание во Карпош 3, Даскал Камче во Карпош 1, Варшавска во Тафталиџе 1 и др.

Бевте во незавидна финансиска состојба. Успеавте ли да ја консолидирате општинската каса?
– Карпош е меѓу трите најзадолжени локални самоуправи. И покрај фактот што минатата година Владата додели средства за сервисирање на дел од достасаните обврски, ние уште сме во тешка финансиска состојба. Ова е така затоа што со години на нерационален начин се трошеле буџетските пари. Општината ја наследив со долг од речиси 18 милиони евра, а на дневна основа, има денови кога имаме и приход од 200 до 300 илјади денари. Зборуваме за една од најурбаните општини во нашата земја. Скративме голем дел од непродуктивните трошоци и му кажавме стоп за непланското градење во урбаното јадро, централните населби во Карпош. Оваа определба подразбира и помали приходи, имајќи предвид дека еден од главните извори на финансирање се комуналиите (таксата за уредување градежно земјиште што доаѓа од изградбата на куќи/згради). Затоа, периодов во повеќе наврати истакнувам дека е потребен нов начин за финансирање на сите општини. На среден и долг рок не е одржливо постојното решение.

За реализација на дел од проектите користите и грантови, финансиска поддршка од меѓународни институции. Дали ова е еден вид на алтернативен начин за финансирање на она што сте го ветиле во изборната програма?
– Да, гледаме на максимален начин да ги користиме средствата што ни се на располагање преку европските фондови, како и грантовите од меѓународните организации и финансиски институции. Токму со поддршка од Европската Унија го правиме спортско-адреналинскиот парк (кај алпинистичката карпа). Добивме грант во висина од 620 илјади евра, што е значајна поддршка за нас и за реализација на еден од главните проекти од мојата изборна програма. Претходно, со поддршка од ЕУ, направивме и целосно нова градинка во Бардовци. Со грант за успешност на Светска банка набавивме и две цистерни за миење на локалните улици во Карпош. Зголемената јавна хигиена е моја цел уште од предизборието. Дополнително, со поддршка од УСАИД ги обновивме тоалетите во основното училиште „Аврам Писевски“. Поддршката од овие организации е огромна и многу конкретна, насочена во области што се важни во секојдневното живеење на граѓаните.

Како се одвива меѓуопштинската соработка, онаа со Градот, но и со НВО-секторот, со младите, бизнисот? Колку тие решаваат за иднината на Карпош?
– Имаме добра и постојана соработка со Град Скопје и јавните претпријатија, и тоа во различни сегменти. Токму со нив го правиме големиот парк. Неодамна направивме и ново инклузивно детско игралиште во Карпош 2, на улицата Веселин Маслеша, а засадена е и нова тревна површина со систем за наводнување кај Драмскиот театар. Исто така, имаме навистина голема соработка со граѓанските организации. На пример, со организацијата „БЛИНК 42 – 21“ направивме мобилна апликација за Карпош („мЗаедница“ – достапна за иОС и Андроид).

Започнавме и со постапка за ресетирање на локалниот младински совет, кој повторно ќе обедини повеќе НВО, училишни и средношколски организации, политички подмладоци. Најдобра потврда за соработката со бизнис-секторот е картичката за попусти „Мој Карпош“, каде што карпошани пазаруваат по пониски цени во повеќе од 250 локали во Карпош. Сите овие целни групи на различен начин придонесуваат во развојот на Карпош. Имаме редовна соработка со нив, пред носењето на буџетот, но и во текот на целата година. Вклученоста на граѓаните, на граѓанскиот сектор е додадена вредност во сите наши проекти.