Некои од градоначалниците на дел од скопските рурални општини се снаоѓаат сами, како знаат и умеат, за да набават средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици. Никој од државата не им помага, а чекаат ред за да се дезинфицираат училиштата, општинските објекти, полициските станици

Во услови кога расте бројот на заразени со коронавирусот

Како превентивна заштита од ширењето на коронавирусот, во градските општини се дезинфицираат маркетите, улиците, автобуските станици, влезовите на станбените згради. Но во извршувањето на дезинфекцијата многу потешко се снаоѓаат руралните општини, дури и оние поголемите близу Скопје. Некои нарачале, но сѐ уште чекаат да им пристигне дезинфекциското сре­­дство, а други, пак, успеале да дезинфицираат само дел од објектите. Некои од градоначалниците се снаоѓаат сами, како знаат и умеат, да набават средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици. Се жалат дека никој од државата не им помага, иако имаат потреба да ги дезинфицираат училиштата во селата, општинските објекти, полициските станици… Во некои од нив има и правни субјекти, мали приватни фирми, мали индустриски капацитети, кои, исто така, би требало да извршат дезинфекција.

Од Општина Петровец нѐ информираа дека е забавена набавката на средства за дезинфекција, како и на заштитни маски и ракавици.
– На 17 март поднесовме барање за дезинфекција до Центарот за јавно здравје. Побаравме дезинфицирање на општинскиот објект, полициската станица, градинките и училиштата, но сѐ уште чекаме ред, бидејќи службите биле презафатени. Не можеме да стигнеме да дезинфицираме секаде, ние во општината имаме 17 села и 15 викенд-населби, тука ни е индустриската зона Ќојлија.

На 19 март писмено се обративме и до „Алкалоид“ за набавка на дезинфекциско средство, но ни одговорија дека приоритет им е да ги снабдат армијата и полицијата, а потоа ќе нѐ известат кога ќе има и за нас, па, така, сѐ уште чекаме. Сакаме да ги дезинфицираме објектите на приватните и на државните ординации. Препуштени сме сами на себе, па купивме дезинфекциско средство, кое, можеби, е доволно да го испрскаме селото ’Ржаничино и уште едно село, но нема за повеќе. Никој со ништо не ни помага, средства за дезинфекција, ракавици и маски самите набавуваме одејќи од фирма до фирма, од аптека до аптека, да обезбедиме барем за дневните потреби на вработените. Маските ги плаќаме по 100 и по 150 денари – вели Борче Митевски, градоначалник на Општина Петровец.

Ништо не е подобра состојбата и во Општина Зелениково, каде што исто така имаат потреба од дезинфекција.
– Немаме извршено дезинфекција. Имаме нарачано средство за дезинфекција и денес, утре чекаме да го добиеме. Имаме за дезинфицирање училишта, како и други објекти и јавни површини и сѐ уште немаме средство за да дезинфицираме – се жали Борче Гиевски, градоначалник на Општина Зелениково.

Од Општина Илинден надлежните не ни одговорија што дезинфицирале досега, но на нивната општинска страница јасно се напишани дадените препораки во таа насока.
– Се препорачува до куќните совети во координација со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, интензивно да вршат дезинфекција на заедничките простории во колективните објекти за домување – згради, во влезовите на зградите, лифтовите, подрумите и гаражите во станбените згради на територијата на Општина Илинден. Исто така, се задолжуваат јавните комунални претпријатија да ги интензивираат активностите за зголемување на јавната чистота и хигиена на јавни површини. ЈКП „Илинден“ да спроведе дезинфекција на сите улици и јавни површини на територијата на општината – стои во дел од препораките на Жика Стојановски, градоначалник на Општина Илинден.

Не е извршена дезинфекција ниту во индустриската зона Визбегово, иако е дел од градската Општина Бутел. Надлежните оттаму се изјаснија дека, освен што двапати неделно ги дезинфицираат улиците и трипати на ден автобуските станици, засега не се во можност да вршат дезинфекции во оваа индустриска зона, каде што има и индивидуални куќи. Обврска е велат, на самите претпријатија да си дезинфицираат. Во една од приватните фирми ни рекоа дека вработените наутро го дезинфицираат погонот, а потоа почнуваат со работа.
За разлика во споменатите општини, во некои други ситуацијата е подобра. Во четвртокот екипи од Центарот за јавно здравје ѝ биле на располагање на Општина Арачиново. Од оваа општина велат дека во овој период успеале да ги дезинфицираат само јавните објекти, училиштата, општинската зграда и верските објекти.
Кризниот штаб на Гази Баба, општина во која има поголеми и помали села, информира преку социјалните мрежи дека ќе се фокусира на обезбедување средства за дезинфекција и заштитна опрема, како и изработување акциски план за следните денови. Оттаму информираа дека се дезинфицирани и повеќето улици во општината, како во урбаниот така и во руралниот дел. Комуналното претпријатие извршило дезинфекција на урбаната опрема, парковите, детските и спортските игралишта, како и на автобуските станици во руралниот дел. Дезинфицирани се сите верски објекти, во соработка со МПЦ и ИВЗ.

– Нашите општински екипи од ЈКП „Гази Баба“ извршија и дезинфицирање на Општина Илинден, а деновиве ѝ беа ставени на располагање и на Општина Арачиново за да им се помогне и на тие граѓани. Општината има доволно количество дезинфекциски средства, доволен број механизација за вршење редовна дезинфекција и за чистење на сите улици, објекти и јавни површини. Во овој период, поради лошите временски услови, се врши дезинфекција само на внатрешните објекти, а потоа повторно во согласност со оперативниот план ќе се продолжи со дезинфекција и чистење на јавните површини и улиците во Општината – велат од Гази Баба.