Со буџетски пари и помош од УСАИД се реновираат „П.З. Пенко“ и „Ацо Шопов“

Иако се зимски услови, со температури длабоко под нулата, во општината Бутел за време на зимскиот распуст на учениците се вршат реконструкции дури на две основни училишта. Забрзано се реновира целиот втор кат на ОУ „Петар Здравковски-Пенко“ во населбата Скопје-Север, а се менуваат врати и плочки на дел од ѕидовите во ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани. Нова пешачка патека доби училиштето „Св. Климент Охридски“ во населбата Бутел 1.

Средствата за градежните работи во „Петар Здравковски-Пенко“ се издвоени од буџетот на општината Бутел, во висина од 1.770.000 денари. Изведувач на градежните зафати е фирмата „ГИВ груп“, која треба да ги заврши работите до 20 јануари, односно до почетокот на второто полугодие. За реновирањето на ОУ „Ацо Шопов“ ќе се потрошат пари од УСАИД, помош од 20.000 долари кои се дадени за реновирање делови од ова училиште.

На вториот кат во ОУ „,Петар Здравковски-Пенко“ се врши замена на старите и дотраени врати од вкупно 22 училници и кабинети. Од општината Бутел информираат дека се вади и старата ламперија од ѕидовите на ходниците, а потоа тие се бојадисуваат со мрсна боја. Поради зафатите за замена на старите врати со нови, мора комплетно да се бојадисаат ѕидовите од ходниците и аулата на целиот втор кат. И покрај тоа што реконструктивните зафати се од поголеми размери, од општината Бутел тврдат дека работите се одвиваат со динамика што ќе овозможи навремено завршување на комплетната реконструкција на двете училишта пред почетокот на второто полугодие од оваа учебна година.

Градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски, вели дека деновиве бил во обиколка на училиштата и додава дека работите забрзано се одвиваат и дека нема да има никаков проблем на почетокот на второто полугодие. Потсетува дека првиот кат на училиштето „Петар Здравковски-Пенко“ беше комплетно реновиран ланилето. Сега, вели, освен катот погоре, исто така, се реновира и главниот влез во училиштето, каде што се поставува нов бетон на површина од 400 квадратни метри.

До почетокот на второто полугодие ќе бидат заменети и 26 врати и во училиштето „Ацо Шопов“. Најголемиот дел од нив, односно 18 врати се од училници и четири врати од соблекувалните и фискултурната сала. Исто така ќе се изврши замена на двете стари врати од тоалетите, како и двете влезни врати од топлиот ходник. Во соблекувалните, како што велат од општината Бутел, ќе се заменат и двата прозорци, а планирано е и поставување нови подни плочки во топлиот ходник.

– Во овие активности ќе се вклучи и општината Бутел, со комплетно молерисување одредени делови каде што се вршат реконструктивните зафати. Со нив е планирано ставање нови плочки на ѕидовите околу водените јазли во училниците. Деновиве, за време на училишниот распуст, во ОУ „Ацо Шопов“, во населбата Радишани, навистина владее работна атмосфера. Помошта на УСАИД од 20.000 долари за реновирање делови во ова училиште ќе им овозможи многу попријатен престој како на децата така и на вработените и се надеваме дека тоа ќе го почувствуваат уште на првите часови во второто полугодие – вели Снежана Клинчарова, портпаролка на општината Бутел.

Од општината дополнуваат дека, водејќи сметка за учениците и за нивниот полесен пристап до училишниот објект, дошле на идеја да ја направат и пешачката патека до ОУ „Св. Климент Охридски“. Велат дека долго време од аголот на оградата на училишниот двор на улицата Призренска учениците минувале дијагонално, преку средишниот дел на паркот, во училишниот двор. Така го крателе патот до главниот влез на училиштето, избегнувајќи ја подалеку поставената главна капија. Сега велат дека дивото патче е претворено во пешачка патека долга 105 метри, поплочена со бекатон-плочки. На пешачката патека ќе бидат поставени шест канделабри, со исто толку светилки. Патеката ја изградија вработените од ОСД дооел Скопје, а средствата во висина од 215.340 денари се обезбедени од буџетот на општината Бутел.

Помали реновирања има и во основните училишта „Живко Брајковски“ и „Лиман Каба“ во населеното место Љуботен.