Паркиралиштето ќе се простира на 900 квадратни метри

Општина Карпош ќе го реконструира паркинг-просторот во населбата Карпош 3, веднаш зад продавницата „Базаро“. Паркиралиштето ќе се простира на површина од 900 квадратни метри, а ќе биде поплочено со бекатон-плочки.
Од локалната самоуправа на Карпош информираат дека веќе се започнати подготвителните работи, кои опфаќаат израмнување на теренот и тампонирање на подлогата.

– Станува збор за површина што повеќе години беше запуштена, каде што при неповолни временски услови се создаваше кал, а во летниот период и прашина. Притоа, ваквата состојба на овој потег придонесуваше кон поголемо загадување на околината – информираат од Општина Карпош.

Со оваа интервенција, надлежните очекуваат од една страна да се подобрат инфраструктурните услови на оваа локација, а од друга страна, пак, дополнително да се влијае кон одржување на здравата животна средина.