Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред две години, со намера да се воведе поголем ред на овие паркиралишта, ЈП ПОЦ започна со поставување блокатори на сите возила што се затекнуваат на резидентно паркиралиште, а не се корисници резиденти на секторот во коj се паркирани, за да им се овозможи на жителите на Општина Центар непречено да ги користат резидентните паркиралишта, велат од Општина Центар

Паркинг-главоболки на Општина Центар: живеалиштето оди во пакет со паркинг-место за автомобил

Проблемите со паркирање во Општина Центар колку-толку успешно се решаваа со воведувањето зонско паркирање и со формирањето на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Сепак, и покрај тоа, граѓаните наидуваат на проблематични ситуации предизвикани од разни несекојдневности. Токму таквите невообичаености и проблеми бараат или финансиски средства или лутање по бирократските шалтери со намера регулирање на документацијата заради добивање на т.н. резидентно паркинг-место, кое би требало да следува заедно со имањето живеалиште (стан, куќа) на граѓаните.
Мнозинството жители се задоволни од целокупниот воспоставен систем на претпријатието задолжено за паркирањето во Центар. Сепак, има и повеќе граѓани што наишле на одредени проблеми. Најчесто причините се поради нерегулирани лични податоци во нивните лични документи, или, пак, затоа што се сопственици на повеќе од едно возило.
Весна Блажески-Синадинова, жителка на Општина Центар, во допис до истата општина реагира дека добила казна во износ од 960 денари, бидејќи, како што вели, по седум години дознала дека не може да паркира пред зградата каде што е сопственик на стан и има налепница како резидент на Општина Центар. Таа за своето возило добила налепница од ПОЦ меѓутоа за друга адреса, односно за локацијата на стан во сопственост на нејзиниот сопруг, а за истата адреса налепница поседувал и нејзиниот сопруг.

Вели дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг немале проблем при паркирање на паркинг-простор на местото каде што не живее, а каде што е лоциран нејзиниот стан.
– На телефон ми беше кажано дека досега било толерирано паркирање, но од сега ПОЦ се решил за порестриктивна политика! Граѓаните на Општина Центар не знаат и не се свесни дека не можат да си паркираат пред зградата каде што се сопственици на стан бидејќи се со различна адреса на лична карта на Општина Центар! Ми беше кажано дека ако сум сопственик на повеќе од еден стан во Општина Центар, за секој од нив треба да доплаќам по 250 денари од прво возило месечно – револтирано реагира таа.
Општинските власти информираат дека во согласност со Правилникот за начинот и постапката за издавање повластена паркинг-карта за јавни паркиралишта со наплата со кои управува ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ сите жители што по лична карта живеат на територијата на Општина Центар и што поседуваат сопствено возило добиваат повластена паркинг-карта (ПКЖ) со која може да паркираат на сите комерцијални паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, освен на резидентните паркиралишта што не се наменети за нив, паркиралиштата од затворен тип, зоната 0 и катната гаража „Судска палата“.
– По исклучок, во согласност со членот 14 од Правилникот за издавање ППК, доколку се работи за единствено патничко моторно возило во семејството, ПКЖ се издава врз основа на нотарски заверено полномошно, под услов властодавецот и полномошникот да се сопружници и еден од нив да е жител на Општина Центар, а властодавецот да е сопственик на патничкото моторно возило – предмет на корисничкиот договор. Доколку, пак, властодавецот го издава полномошното за сопствено второ или трето возило, ќе се смета дека барателот на ПКЖ не ги исполнува условите за користење на повластената паркинг-карта – информираат од Општината.

Оттаму додаваат дека физичките лица што имаат во сопственост моторно возило и станбен простор во Oпштина Центар, кој не е регистриран како нивно живеалиште според личната карта, а за кој поседуваат имотен лист, како и физичките лица што се сопственици на моторно возило, а имаат станбен простор под закуп на подрачјето на Општина Центар за кој имаат склучено нотарски заверен договор, добиваат привремена паркинг-карта за станари (ВПКС) и може да паркираат само во секторот каде што им е издадена налепницата, но не и на резидентните паркиралишта.
– Госпоѓата што се жали дека не може да се паркира пред нејзината зграда има веќе склучено кориснички договор за повластена паркинг-карта на друга адреса во Општина Центар и можност бесплатно да ги користи сите други комерцијални паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ. Исто така, постои можност да се направи уште еден кориснички договор за другата адреса со надомест во согласност со ценовникот за услуги и надоместоци доколку станот по имотен лист е во нејзина сопственост, или да ја промени адресата во лична карта ако живее на таа адреса како што се вели во нејзиниот допис за да може да ги користи резидентните паркиралишта во тој сектор. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ нема направено никакви измени прекуноќ, овие правила важат со години и важат за сите. Многу граѓани ги злоупотребуваат услугите на претпријатието и постојано наоѓаат начин да ги заобиколат правилата. Затоа, ЈП ПОЦ ќе продолжи со интензивно контролирање и воведување ред на паркиралиштата со кои стопанисува со намера да се реши проблемот со паркирањето и да се стави крај на сообраќајниот хаос во Општина Центар – информираат од Центар.
Оттаму додаваат дека ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ секогаш транспарентно ги носи одлуките и за сите измени во подзаконските акти, кои прво се одобруваат од Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието, а потоа и од Советот на Општина Центар, навремено ги информира граѓаните преку медиумите, официјалната веб-страница на претпријатието и социјалните мрежи.

– Резидентните паркиралишта на претпријатието постојат од самото негово формирање. Пред две години, со намера да се воведе поголем ред на овие паркиралишта, ЈП ПОЦ започна со поставување блокатори на сите возила што се затекнуваат на резидентно паркиралиште, а не се корисници резиденти на секторот во коj се паркирани, за да им се овозможи на жителите на Општина Центар непречено да ги користат резидентните паркиралишта – велат општинските власти.

[email protected]