Во скопската општина Чаир екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, денеска расчистиле две големи диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во Топаана и во близина на стадионот во општината Чаир.

– Денеска, во координација со Општина Чаир, нашите екипи отстранија огромно количество неправилно одложен отпад на две локации во оваа скопска општина. Во оваа пригода би сакал да апелирам до жителите на градот Скопје својот отпад да не го одлагаат на јавни површини затоа што секоја година бележиме драстично зголемување на количеството отпад од диви депонии, а во текот на изминатите три години бројките се зголемени дури десетпати – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

Тој воедно порача дека само со правилно и совесно одлагање на отпадот можеме да ги заштитиме животната околина и јавното здравје.