Кога јавните површини се третираат како приватен имот

Со монтажни и со подземни паркинзи општините ќе го решаваат проблемот со паркирањето во сервисните улички, каде што несовесни граѓани ги оставаат своите возила на улица и со тоа го попречуваат протокот на сообраќајот

Речиси и да нема населба во градов во која од паркираните возила на станбените или таканаречените сервисни улици не можат да се разминат две возила. За кое било од нив да влезе или да излезе од улицата, едното мора да се враќа назад и да му овозможи простор на другото возило. Повеќето од паркираните автомобили се сопственост на станарите, кои ги оставаат на дел од коловозот пред куќите или станбените згради за да им бидат пред очи. Притоа не водат сметка за тоа дека токму поради нивните автомобили, не можат да поминат ниту нивните соседи, ниту такси-возилата, а уште полошо е што ја затвораат улицата и за амбулантните и за противпожарните возила, кои немаат време за губење. Општините не се надлежни за решавање проблеми во сообраќајот, но секако се одговорни за изградба на паркиралишта. Но и за решавање на проблемот, кој се појавил, како што велат, поради тоа што инвеститорите на старите станбени објекти воопшто не воделе сметка за паркирањето. Некои од општините сега бараат решенија со изградба на паркинзи, кои се вцртуваат во деталните урбанистички планови, други, пак, го искористуваат постојниот простор за да направат монтажни паркинзи на кат за да ја удвојат површината за паркирање и најново, велат дека размислуваат за подземно паркирање, кое би можело да се изгради под парковските површини на веќе постојните паркови.

Некои општини, пак, објективно велат можеби и треба да се размислува за изградба на катни гаражи и по населбите, и додаваат дека можеби е поинаку во Центар и во Карпош, но во сите други општини овој проблем е актуелен. Други, пак, ги обвинуваат и граѓаните, кои при изградбата на куќите само ги прошириле своите дворови, но не испланирале и простор за паркирање или за гаражи. Има и такви што имаат повеќе автомобили, па едниот го паркираат во својот двор, а другиот на улицата на која живеат.

– Сме имале поплаки за паркирањето на сервисните улички во Бутел, па дури и искази на граѓани дека се јавувале и им викале пајак на сопствениците на возилата, за да им ги кренат од пред нивните куќни порти. Има улички во Бутел, каде што станарите се договориле да не се паркираат на улицата на која живеат и тие функционираат како куќен совет. Но еве на улицата Бутелска, која е градска сообраќајница каде што се наоѓа полициската станица, во задниот дел вработените добија забрана да ги паркираат своите приватни автомобили, бидејќи паркингот е наменет за службените возила. Сега тие се паркираат пред пазарот и пред маркетот „Жито“ и им го зафаќаат просторот за паркирање на купувачите. Ако порано паркирањето беше проблем во центарот на градот, а се реши со изградбата на катните гаражи, сега проблемот со паркирањето се пресели во општините. Нашите паркинзи пред општината, пред трговскиот центар, пред пазарот се бесплатни. Онаму каде што е изводливо според ДУП-овите правиме нови паркинзи. Но, очигледно и на општините можеби им се потребни катни гаражи – вели Снежана Клинчарова, одговорна за информирање во општината Бутел.
Со истиов проблем се соочуваат и во општината Гази Баба. Особено со премногу паркирани автомобили на сервисните улици се соочуваат густо населените населби, Железара и Автокоманда.

– За да го решиме актуелниов проблем најпрвин се обидуваме таму каде што ни дозволува просторот да изградиме нови паркиралишта. Една од опциите ни е на постојните паркиралишта, кои на пример биле за 64 возила, да изградиме монтажен паркинг на кат па да добиеме површина за уште 64 возила. Проблем со паркирањето имавме и кај „Алкалоид“, „Европа“ и „Пивара“ и од паркираните автомобили беа блокирани жителите на населбата Ќерамидница. Проблемот го решивме така што фирмите си обезбедија службен паркинг-простор. Едно од можните решенија што го користиме е и проширувањето на сообраќајниците, ако е можно со ДУП-овите. Ваков проблем се случува во одредени ситуации и пред „Ре-медика“ и тогаш се вика пајак-служба да го ослободи просторот. Проблемот се создаде со тоа што инвеститорите фиктивно обезбедуваат простор за паркирање, а потоа градат паркиралишта. Една од солуциите за решавање на постојниов проблем ни е изградба на подземни паркиралишта, кои би можеле да ги направиме под парковски површини – вели Борче Георгиевски, градоначалник на Гази Баба.

Други општини, пак, во градов, како на пример Ѓорче Петров, се обидуваат проблемот да го решат упатувајќи повик до граѓаните, односно апели преку летоци, кои биле оставани на возилата. Од Ѓорче Петров во соработка со МВР, велат дека упатувале апел сопствениците да ги отстранат сите хаварисани, но и паркирани возила, кои биле паркирани на локации каде што пречат при движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот.

– Наидовме на добар прием и поддршка на иницијативата од страна на граѓаните и теренот беше делумно расчистен. Идејата беше да превенираме, пред да има казнување од страна на полицијата, која е надлежна во тој дел. За да го одржиме континуитетот, повторно планираме на сличен начин да дејствуваме во многу скоро време. Како општина, акцент ставивме на хаварисаните возила, особено на оние што долго време не се во возна состојба и веќе се работи на проект како истите тие заедно со полицијата да бидат отстранети. Оние погрешно паркираните, пак, повторно ги оставаме на свеста и совеста на граѓаните, особено на оние што имаат места по дворовите, а сепак автомобилите им се паркирани пред куќите. Локалната самоуправа не е надлежна за казни од ваков тип, а наедно немаме ниту сопствена паркинг-служба. Доколку имаме потреба, можеби ќе побараме помош од градските паркинг-служби – објаснија од Ѓорче Петров.

За да не се соочуваат повеќе општините со проблемот за паркирање, сега со новиот закон за градба инвеститорите се задолжени да имаат испланирано и простор за паркирање на станарите. Останува само да се придржуваат до одредбите.