Општина Центар заврши со комплетната реконструкција на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект „Пепелашка“.
Преку проектната единица на Министерството за финансии и МСИП, финансиран преку Светската банка, Општина Центар успешно го реализира проектот за целосна реконструкција и опремување на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект „Пепелашка“.
Овој проект се реализира во две фази, со подзаем-средства, во висина од 562.527 евра, и неповратни грант-средства за успешно реализиран подзаем, во висина од 45.760 евра, а Општината учествуваше со околу осум милиони денари, средства од буџетот.

– Преку реализацијата на овој проект, „Реконструкција и опремување на детска градинка „Корчагин“ – клон „Пепелашка“, целосно е реконструиран објектот на оваа градинка, со површина од 894 квадратни метри, а директна корист имаат 115 деца што го посетуваат воспитно-образовниот процес во оваа јавна установа. Темелната реконструкција, прва од ваков тип по 65 години, опфаќа поставување целосно нова електрична и водоводна инсталација со еколошки цевки, изработени по сите европски стандарди, и поставување енергетски ефикасна фасада на надворешниот дел од градинката, која нема да го наруши изгледот на објектот и ќе ја зачува неговата автентичност – изјави градоначалникот на општината Саша Богдановиќ.

Со зафатот се опфатени и тоалетите, кои комплетно се обновуваат, а ќе се постави и таканаречена „топла врска“, со што ќе се спојат објектот каде што престојуваат децата и салата за одржување свечености, со што ќе се избегне студот во зимските денови.
– Вложувањето во квалитетно претшколско образование, во детските градинки, центрите за ран детски развој, претставува приоритет на нашата влада, нешто што го покажавме изминатиот период, преку реконструкција и отворање на 43 објекти за сместување на децата. Ако создадете квалитетни и здрави личности, кои понатаму ќе стартуваат во образовниот процес, вие гарантирате квалитетна иднина на државата.

До крајот на нашиот мандат, 7.500 деца треба да бидат сместени во детски градинки, а со тоа ќе се зголеми опфатот на деца во претшколско образование на 60 отсто – изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Инаку, објектот во кој се наоѓа градинката е еврејска куќа, изградена во далечната 1892 година, важи за една од најстарите градинки во Центар и е подарок од сопствениците, кој може да се користи исклучиво за детска градинка.