Од денеска официјално во употреба е пуштен новиот булевар Христијан Тодоровски Карпош како сообраќајна врска која ќе овозможи развој на северниот дел од градот.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов, кој истакна дека северниот дел од градот за првпат е целосно поврзан со булеварско решение од обиколницата до централното градско подрачје.

– Новиот булевар е со вкупна ширина од 40 метри, со вкупно 6 коловозни ленти од по 3,5 метри, велосипедски патеки од двете страни со ширина од 2,5 метри, пешачки патеки од двете страни со променлива ширина и простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. На новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош е поставена нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување со 140 столбови. Очекувам наскоро по овој булевар да проаѓаат и некои линии на јавниот превоз, што дополнително ќе го намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот – рече Шилегов.

Од Град Скопје информираат дека за изградбата на оваа делница во должина од два километра, која се протега од крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина до клучката на скопската обиколница, вложени се околу 285 милиони денари или околу 4,6 милиони евра со вклучен ДДВ.

Новиот булевар треба да овозможи побрз излез на обиколницата за околу 100.000 граѓани кои живеат во северниот дел од градот, особено од Чаир, Скопје Север, Топанско Поле и од Железара, со што ќе се релаксира сообраќајот во целиот град.