Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска неодамна ја пуштија во употреба новоизградената детска градинка во населеното место Миладиновци, која е клон на ЈОУДГ „Гоце Делчев“.
Вкупната инвестиција за реализација на овој капитален проект, кој Општина Илинден го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика, изнесува 33 милиони денари, од кои од буџетот на Општина Илинден се обезбедени 27 милиони денари за фазите: архитектура, изградба на новиот објект и обезбедување комплетна инфраструктура, хортикултурно и партерно уредување, како и асфалтирање на паркинг-просторот пред градинката.
За опремување на занималните, просториите и кујната во детската градинка, како и поставување машинска опрема за греење и ладење на објектот, Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства во висина од шест милиони денари.
Градоначалникот на општината Стојановски, за време на отворањето на градинката, истакна дека локалната самоуправа е истрајна во намерата да им обезбеди на најмладите граѓани најдобри можни услови за раст и развој и да им обезбеди среќно детство. Затоа, како што кажа тој, Општината одлучи сите свои расположливи средства да ги насочи кон решавање на проблемот со недостиг од капацитет на постојниот објект на детската градинка „Гоце Делчев“ во Илинден.

– Илинден е општина во раст, проширувањето на капацитетот на градинката е особено важно, бидејќи предучилишните установи се клуч за дружење и социјализација на децата. Новиот објект на детската градинка во Миладиновци ќе биде збогатен со детски насмевки и радост, а јас сум многу задоволен што бев на чело на тимот што го водеше овој проект. Верувам дека на овој простор сега му е дадена најдобрата можна намена и јас сум исклучително задоволен што им го предавам на употреба на вработените во градинката, кои ќе се грижат за нашите најмлади сограѓани на професионален и одговорен начин – истакна градоначалникот.
Градинката е високоенергетски ефикасен објект, во кој е инсталиран систем за греење и ладење со топлински пумпи, кој ги задоволува највисоките стандарди. Објектот на новата градинка се простира на површина од 540 квадратни метри, располага со четири занимални и има капацитет да згрижи 90 деца. Во насока на почитување на протоколите во овој период градинката ќе згрижува 75 деца.

Во три занимални ќе бидат згрижени деца на возраст од две до шест години, додека во една занимална ќе бидат згрижени најмалите дечиња, на возраст од девет месеци до две години, што значи воведување јасли.
Со новоизградената градинка ќе се овозможи ослободување просторни капацитети во постојната детска градинка „Гоце Делчев“ во Илинден, која е со капацитет за згрижување на 450 деца, на возраст од две до шест години, така што се создадени услови за згрижување деца од јаслена возраст и во оваа градинка.