Eстрадните ѕвезди бараа решавање на проблемот со бездомните животни

„Сонувам за хумано утре“ е мотото под кое повеќе здруженија за заштита на животните одржаа протестен марш за да упатат барања да почне примената на хумани методи за бездомните животни и да се најде трајно решение на проблемот со обезбедување дом за секое животно. На протестниот марш што почна од пред Собранието и се движеше кон Владата и градот Скопје му се приклучија и естрадни уметници, а учесниците носеа транспаренти со испишани пароли. За хуманост и против насилство врз животните, како и за трајно решавање на проблемот со бездомните животни маршираа Тони Зен, Пеце од „Суперхикс“, Јана Бурче, „Бернајс пропаганда“, уметницата Жани Гелевска, креаторот на „Мој воздух“, Горјан Јовановски, потоа актерите Јордан Симонов и Весна Бејби Петрушевска, Ајета Реџеповиќ и Ирена Ристиќ, како и телевизиските лица Ана Јовковска и Марко Новевски.

Според здруженијата за заштита на животните, постои институционална кусогледост и осуда на „Залови – стерилизирај – врати“, програма за која велат дека никогаш не била спроведена квалитетно и во целост. Тие посочуваат дека бездомните животни во Македонија би се ставиле под контрола во период од само неколку години, но исклучиво ако во секој град или општина стационарите се под раководство на активисти за заштита на животни, со задржано финансирање од градот или од општината. Исто така контрола би имало ако се комплетираат регистарот на сопственици на миленици и правилникот за одгледувачници.

По најавениот марш вчера се огласи и Агенција за храна и ветеринарство од каде што соопштија дека активно работат на подготовка на нацрт-правилник за одгледувачници за домашни миленици и условите што треба да ги исполнуваат продавниците за домашни миленици. Овој правилник е во фаза на усогласување со Секретаријатот за законодавство и според очекувањата, треба да биде донесен до крајот на оваа година. По донесување на правилникот за одгледувачници и заокружување на кампањата за бесплатно микрочипирање на 100 илјади миленици, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе се формира регистар на одгледувачници.

Што се однесува, пак, до регистарот на сопственици на миленици, во рамките на Ветеринарно-информативниот систем на АХВ велат дека е функционален модулот за регистрирање домашни миленици и досега биле евидентирани 20.500 миленици.