Кампањата за безбедност во сообраќајот насловена „Ги возиме одговорните“, беше промовирана денеска во Скопје.

Со кампањата ќе се мотивираат граѓаните да бидат одговорни кога посетуваат ресторан и консумираат алкохол односно да не управуваат со моторно возило. Како награда за тоа ќе добијат гратис ваучер за такси возење во износ од 100 денари. Со секоја он-лајн резервација направени преку www.restorani.mk гостите ќе добијат ваучер во ресторанот.

– Многу загрижуваат бројките на пијани возачи во нашиот град. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки воопшто не е ни чудо што сме на дното на листите на безбедност на улиците во европски рамки. Град Скопје и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи од овој вид, затоа што безбедноста на нашите сограѓани нема цена – истакна на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Додаде дека Град Скопје одлучил да го поддржи овој проект заедно со Автомото сојузот на Македонија и Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата од причина што безбедноста на учесниците во сообраќајот во Скопје е еден од врвните приоритети на градската администрација.