Град Скопје информира дека од утре, 26 јули, поради влегувањето во нова фаза на градежните активности на мостот „Гоце Делчев“, ќе има промена во сообраќајниот режим на дел од мостот.

Од утре, во правец од ТЦ „Мавровска“ кон Владата ќе се вози по две сообраќајни летни, а градежни активности ќе се изведуваат на една сообраќајна лента во овој правец. Досега беа затворени две, а сообраќајот се одвиваше по една лента.

Во другата насока, во правец од Центар кон ТЦ „Мавровска“, од утре ќе се вози по една сообраќајна лента, а две ќе бидат затворени и на нив ќе се изведуваат градежни работи.

Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до привремениот режим на сообраќај.