Професорот Филкоски смета дека проблемот со загадувањето на воздухот е нешто со што во не многу далечно минато се соочувале и други многу побогати средини од нашата. Го решавале со различен степен на успешност, а некои искуства се пошироко применливи

Интервју со професор Ристо В. Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Ристо В. Филкоски, роден е во 1964 година, во Нерези, Струга. Вработен е како редовен професор на Машинскиот факултет (Институт за термичко инженерство), универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предава група предмети на студиските програми „Термичко инженерство“ и „Енергетика и екологија“. Автор и коавтор е на триесетина научни труда во меѓународни списанија, над 90 труда на меѓународни конгреси, конференции, симпозиуми и други научни и стручни собири, околу 70 научноистражувачки проекти, апликативни проекти, студии, експертизи, технички извештаи и неколку публикации за наставни потреби.

Зошто им се посветува толку внимание на честичките? Каде се другите загадувачки материи?
– Интересно прашање е зошто низ медиумите и од страна на невладините организации постојано се нагласува проблемот на преголемата концентрација на честички – една категорија со димензии до 10 микрометри, ПМ 10, и друга до 2,5 микрометри, ПМ 2,5, а најчесто се пренебрегнува влијанието на другите загадувачки материи во воздухот. Такви се, на пример, оксидите на азот (NOx), сулфур-диоксид, јаглерод-моноксид, кој е исклучително отровен, јаглеводородни соединенија, други гасни продукти на нецелосно согорување итн. Познато е дека цврстите честички влијаат врз дишните патишта пред сѐ механички, односно еродивно. Честичките што произлегуваат од системите за согорување главно се состојат од пепел, несогорено гориво и минерални материи, како тие што се карактеристични за почвата. Се разбира дека тие механички ја загрозуваат функцијата на дишните патишта, но ни случајно не може генерално да се означат како канцерогени. Од друга страна, гасовите хемиски ги разоруваат дишните патишта, а особено е штетно влијанието на киселините што се формираат кога споменатите оксиди доаѓаат во допир со влажната слузокожа, што резултира со многу посериозни последици врз здравјето на луѓето. Тоа значи дека и на овие загадувачки материи треба да им се посвети соодветно внимание. Нешто сосема друго е емисијата на јаглерод-диоксид, како еден од т.н. стакленички гасови, кој се јавува како продукт на целосно согорување на сите горива.

Кои се причините за зголемено загадување на воздухот во Скопје и во другите градови?
– Зголеменото ниво на концентрации на штетни материи, вклучувајќи и цврсти честички, во воздухот во градот Скопје, особено во зимскиот период, се должи на повеќе причини и фактори. Најпрвин во системите за греење во одреден број домаќинства и во објекти во различни сектори се употребуваат цврсти горива и разни други согорливи материи (пластика, отпадни масла, парчиња стар мебел со различни премази итн.), и тоа често во мошне стари и неефикасни уреди за согорување, во услови на несоодветно одржување (чистење) на оџаците. Потоа згуснатите урбанистички решенија, интензивната градба, особено во последните 15-20 години, узурпирањето локации каде што претходно имало зеленило – тревници и дрвја за градење објекти, превисоките згради што го нарушуваат струењето на воздухот имаат свое големо влијание врз микроклимата и во зимски и во летни услови, вклучувајќи и нарушени природни струења на воздухот. Градежните активности, исто така, се сериозен извор на штетни емисии. Тука е и зголемениот број жители во одредени урбани средини, особено во Скопје, а директна последица е користење поголем број возила и поголемо енергетско оптоварување во секојдневното функционирање, како и други последици од неприродното растење на градот. Зголемениот број возила и условите во сообраќајот диктираат режим на работа на возилата што е еколошки многу неповолен и продуцира поголемо количество цврсти честички, азотни оксиди, продукти на нецелосно согорување и други штетни материи, особено при возење на кратки релации со чести запирања и во услови на сообраќаен метеж. Тука е нередовното чистење на улиците, кое во комбинација со зголемениот број возила создава услови за подигнување на честиците, кои остануваат во лебдечка состојба подолго време, поради динамиката на движењето на возилата. Одредени индустриски објекти со несоодветни системи за греење и несоодветни технички решенија за пречистување на гасовите од енергетските и индустриските процеси што се одвиваат во нив; мали бизниси и други капацитети со несоодветни системи за греење и со уреди во кои се горат различни материи, исто така, претставуваат извори на загадување на воздухот. Има и редица други загадувачи и влијателни фактори. На сѐ претходно се надоврзува проблемот со енергетската сиромаштија, кој во секојдневието тера голем дел од населението кон нееколошки решенија за греење и за други потреби. Ова ја прави многу потешка реализацијата на потенцијални мерки за ублажување.

Како може да се влијае за намалување на загадувањето во главниот град?
– Проблемот со загадувањето на воздухот воопшто не е едноставен, затоа што за ниедна од наведените причини нема брзи, евтини и едноставни решенија, а со тоа и за негово ублажување и решавање е потребен комплексен стратегиски пристап. Од прегледот на извори и влијателни фактори на загадувањето на воздухот во урбана средина како што е Скопје, станува јасно дека лесни, едноставни, брзи и доволно ефикасни решенија на краток рок не постојат. Енергетскиот сектор и придружните еколошки предизвици се многу комплексни и не трпат импровизации.
Со мерки како субвенционирање за набавка на електрични и хибридни возила (кои се многу скапи!), котли на пелети (кои, исто така, не се евтини!) и сл. се поддржува категорија од населението што и онака е во добра финансиска состојба, но не се допираат категориите граѓани за кои е својствена енергетската и друга сиромаштија. Мора да се нагласи дека проблемите со загадувањето на воздухот во нашите градови, особено во Скопје, Тетово, Битола и некои други, не се настанати одеднаш, ниту за кратко време, туку се таложени со години, да не речам со децении, како последица од редица погрешни одлуки, немање или неспроведување стратегија во развојот на урбаните средини, недоволно развиена инфраструктура (транспортна, енергетска итн.) и други причини. Поради тоа, тие и не може да се решат со волшебно стапче, туку може само да се ублажат за релативно краток рок. Индустријата и термоенергетските капацитети во никој случај не се главни загадувачи во Македонија. „Југохром“ не работи веќе подолго време, а Тетово и понатаму е загаден град; ТЕЦ „Осломеј“ веќе неколку години почесто е во прекин отколку што работи, а Кичево сепак е загадено, „Фени“ работи со прекини, а Кавадарци бележи негативни рекорди.
Со затворање индустриски и енергетски објекти, што се заговара од страна на одредени кругови поттикнати од различни побуди, а често и од незнаење, ни случајно не се решава проблемот, туку уште дополнително ќе се усложни (поради зголемување на енергетската и општата сиромаштија!). За значително подобрување на еколошката состојба е потребен суштински стратегиски пристап, со примена на широк комплекс од добро осмислени мерки (имајќи го предвид фактот дека тие најчесто се во конфликт со желбата за голем профит): развој на транспортна инфраструктура, особено во делот на јавниот транспорт, запирање на хаотичната градежна експанзија, развој и ширење на системи за централно греење со колку што е можно поголем опфат на објекти од сите сектори, имплементација на мерки за подобрување на енергетската ефикасност на објектите, развој на систем за гасификација, особено кон индустриските капацитети и во деловите каде што не е застапен системот за централно греење, мерки на поддршка за поголема примена на алтернативни извори на енергија, соодветна политика на следење и санкционирање на загадувачите, мотивирање на населението да се задржува во помалите населени места преку создавање соодветни услови и многу други. За тоа, пак, се неопходни стручни анализи во повеќе области, вклучување релевантни стручни лица од тие области, значителни финансиски ресурси, време, голема посветеност и ангажирање од страна на надлежните институции, а најмногу од тие што се одговорни за донесување клучни одлуки, како и добра волја и вложување напор од сите граѓани.