Офицерскиот дом бил познат по организирање балови и пречеци на Нова година

Нова година во минатото

Пред војната, во Скопје постоеле познати и реномирани хотели што организирале новогодишни забави. Да ги спомнеме само „Париз“, на улицата Македонија, до некогашното кино „Вардар“, хотелот „Лондон“, на истата улица наспроти поранешната продавница „Борово“, хотелот „Москва“ кај денешен „Турист“, хотелот „Бристол“, ресторанот „Балкан“, кај киното „Култура“. Да не ги заборавиме и боемските кафеани „Идадија“, „Палас“, „Маргер“, подоцна и „Зора“. Треба да се споменат забавите и свеченостите во Францускиот клуб, како и познатото Француското школо, кое се наоѓало наспроти денешната зграда на Владата. Ова популарно школо во Скопје го раководел господинот Шарл Дер со својата сопруга.

Сепак, најблескавите пречеци биле во Офицерскиот дом и во Стариот театар. Во периодот меѓу двете војни, во Офицерскиот дом на новогодишните пречеци оделе главно воените и политичките елити, но и видните граѓани од општествениот живот, познати индустријалци и трговци. Во тоа елитно новогодишно друштво можеле да се видат првите скопски дами и убавици. Да наведеме само некои од нив што предизвикувале восхит: Мира Шламбергер, која била прогласена за мис на Скопје, артистките Мери Оливиери, Соња Сиракова, Мери Похрадски, Вера Петриќ, која била мис на модата, потоа Марица Шими, кралица на тангото, виолинистките Берта Лапериер и Дадире Ќазим, како и г-ѓа Шана Виќентијевиќ, г-ѓа Јанева, г-ѓа Ташковиќ.

Да не заборавиме дека пречеци на Нова година, се разбира во една специфична форма, се одржувале и во втората половина на 19 век, особено при изградбата на железничката пруга од 1873 година, но и потоа, кога во Скопје била присутна интелигенцијата од европските земји, Германија, Италија, Франција, Англија… Тогаш започнал да заживува и конзулскиот живот.

Театарџиите на свој начин знаеле да направат блескави новогодишни прослави. За една таква прослава пред војната во Скопје, еден од најстарите артисти запишал како се пречекувала Новата година: „Главниот иницијатор за пречекот на новата 1925 година беше Русинот Верешчагин. Направи таква величествена и раскошна програма што се помнеше многу години. Сѐ беше во наша режија: јадење, пиење, лотарија, рулет, разни атракции. Театарот доби голем приход“. Подоцна, по војната, во 1950-тите, во Стариот театар се приредувани пречеци на Новата година, во присуство на голем број гости. Еве како изгледале тие прослави: покрај богатата лотарија, музика и танци, биле изведувани духовити скечови и едночинки приспособени за свечената, новогодишна атмосфера, која секогаш била весела и релаксирана. Понекогаш дел од публиката присуствувал и на самата сцена. Во предземјотресното Скопје постоеле неколку сали и домови што биле особено препознатливи по организирањето новогодишни пречеци. Постарите скопјани многу добро се сеќаваат на нив. Пред сѐ, тука е Поштенскиот дом, кој се наоѓал на денешниот булевар Климент Охридски, потоа Едриличарскиот дом, како и Соколаната во Пајко Маало. За таквите пречеци се користела и салата на Домот на металците, кај денешната заграда на АРМ. И она што денес можеби е сосема заборавено, тоа се пречеците на Новата година во сите поголеми претпријатија од тоа време, во нивните големи сали. Во организацијата на пречеците учествувале сите вработени. На пример, во „Металскиот завод Тито“, „Пелагонија“, „Железара“, „Треска“, „Алкалоид“, „Пошта“, текстилната фабрика „Црвена ѕвезда“, во „Кооператива“ и „Технометал“, во „Бетон“. Иако поскромни, тие прослави не биле помалку блескави и весели, според украсеноста, според восхитот и ентузијазмот со кој биле подготвувани. Имало лотарија, а главната награда најчесто се подразбирала – печено прасенце!

Кината во Скопје се посебна приказна за пречекот на Новата година. Во скромно накитени и украсени сали се прикажуваа два или три филма, лотаријата можеби беше скромна, ама за посиромашните многу вредна. Пред кината во кои се организираше пречек се чекаше во редица за да се обезбедат билети за најлудата ноќ. Тој пречек во кино беше исклучително доживување и навистина луда ноќ. Таму се доаѓаше под полна „новогодишна спрема“. Сите џебови од сакоата и панталоните беа полни со кикиритки, семки, леблебија, бонбони. Во некоја мала торба се шверцуваше понекое печено коковче и колач. Па, Нова година е, треба да се прослави, нели? Точно на полноќ, ако сѐ уште траеше еден од филмовите, проекцијата се прекинуваше, се вклучуваа светилките во салата. Тогаш ќе паднеше песна, честитања, дофрлувања, а од балконот ќе летнеше понекое крилце од кокошка, долу во партерот. Гласни дофрлувања имаше и за време на проекцијата на филмовите, особено ако се појавеа тогашните филмски еротски ѕвезди: Брижит Бардо, Мерилин Монро, Џејн Менсфилд, Ава Гарднер. Но се случуваше и спротивното, да падне и понекоја солза или целата сала да се расплаче од тажната животна приказна на малиот Хозелито, кој одлично пее и тагува по загубеното семејство (во филмот „Мајко, слушни ја мојата песна“).

Популарна беше и малата Марисол. Во кината што имаа балкони можеше да се импровизира масичка за мезенце и ракија за постарите. Авторот на овие редови најмногу се сеќава на пречеците на Нова година во киното „Младина“, во близината на плоштадот, на улицата Орце Николов, а особено на оние во киното „Братство“ на Бит-пазар, кое имаше и најголема киносала во градот.

Искуството од домашните журки што ги правевме кон средината на 1960-тите години, ги пренесувавме и на пречеците на Новата година. Дома си е дома, малку газирана вода и „смедеревка“, малку од легендарните сендвичи направени од француските багети, тенко исечени, минијатурни, премачкани со паштета, а одозгора збогатени со неизбежното резанче од кисела краставичка. Убавина. Кон 1970-тите години, како млади новинари започнавме да креваме чалами и да одиме со девојките во штотуку отворените хотели „Континентал“, „Панорама“, „Олимписко село“.

Но пред новогодишната ноќ моравме да поминеме низ неизбежната новинарска школа. Дента да бидеме во боемскиот ресторан „Букет“, кој се наоѓаше веднаш до редакцијата и печатницата на „Нова Македонија“, со восхит да седиме со Бранко Варошлија, Атанас Бабата, Бранко Заревски, Климе Мазов, Бане Ковач, Благоја Антиќ, Верољуб Андоновски, Цветко Мартиновски, Гаврош, Бошко Југославија, Младен Туниќ, Лазо Кавалот, Никола Ковачевски, Ѓоко Кибицерот. Кој ќе останеше на нозе, ќе одеше на пречек на Нова година, а кој не, ќе си останеше во „Букет“. Ете, и тоа беше дел од митологијата за подготовките и пречеците на новите години во Скопје.