Нов дрворед со околу сто листопадни дрвја и 1.100 нискостеблести растенија со црвени листови деновиве е формиран по должината на булеварот 8 Септември, во есенската акција на Град Скопје за раззеленување на јавните површини.
– Со големо задоволство на Скопје и на скопјани им го претставувам најдолгиот дрворед што го засадивме оваа година, овде на булеварот 8 Септември, чија реконструкција се одвиваше и заврши оваа есен. Станува збор за дрворед од повеќе од 100 листопадни дрвја и повеќе од 1.100 нискостеблести садници од 11 различни видови, кои во различни периоди од годината имаат црвени листови. Ова се новите стандарди што интензивно ги воспоставуваме во нашиот град, а тоа се одвоени пешачки и велосипедски патеки со зеленило меѓу нив, кои се сериозно видливи промени и се случуваат на територијата на нашиот град, тоа се стандардите за кои јас се залагам и кои чекор по чекор стануваат секојдневие кај нас.

Скопје станува една многу поинаква приказна од тоа што беше во минатото, а граѓаните можат да ја видат таа разлика. Многу сум благодарен за повратниот ефект што го имаме од граѓаните, за задоволството што го искажуваат од воведувањето на овие современи европски стандарди – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на вчерашната прес-конференција.
Град Скопје ги потсетува родителите што имаат новороденчиња да ја искористат можноста што им ја нуди проектот „Дрво за секое дете“, да се пријават и да добијат дрво што ќе го носи името на нивното новороденче.