„Прв до врв 2018“ ќе се одржи утре шести пат на Водно. Планинарско-спортскиот настан предвидува трки во планинско трчање, планински и друмски велосипедизам. Трката за велосипедистите ќе почне во 9.45 часот од пред Музејот на градот Скопје и во 10 часот кај основното училиште „Кочо Рацин“ за оние што ќе се натпреваруваат во трчање и планинарење.

Настанот ќе се одржи во организација на Здружението за спорт и рекреација, а во соработка со градот.

Утре на планината повторно ќе врие од луѓе, бидејќи од година на година, настанот станува сѐ помасовен, бидејќи предизвикува сѐ поголем интерес. Дел од „Прв до врв“ ќе биде и еко-фестивалот со богата музичка програма, а почетокот е закажан за 10 часот.

Пријавувањето за настанот е преку електронска апликација на веб-страницата на „Прв до врв“. Регистрираните учесници ќе може да ги подигнат своите стартни пакети уште денеска на плоштадот „Македонија“. Х.Ј.